Петрова: Бугарија може да има клучна улога во геостратешкото позиционирање на Европа
Бугарија може да има клучна улога во геостратешкото позиционирање на Европа и во развојот на новите транспортни, енергетски и дигитални врски на континентот, изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова во Стразбур, по средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос, јавува БГНЕС.
Петрова ја поздрави најавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за одржување Регионален самит за поврзаност, чиј домаќин ќе биде Бугарија.
„Најавата на иницијативата за поврзаност и домаќинството на Бугарија е признание за улогата на нашата земја и за довербата во бугарската влада“, изјави Петрова.
Таа потсети дека бугарскиот премиер Румен Радев уште на првата средба со претседателката на Европската комисија ја посочил поврзаноста како еден од главните приоритети на новата бугарска влада.
„Во сегашната геополитичка ситуација мора да можеме многу брзо да се приспособуваме и да ги препознаваме можностите таму каде што постојат. Географската положба на Бугарија отсекогаш била наша предност, која досега не сме ја искористиле во целост“, рече Петрова.
Според неа, активната надворешна политика, јасната координација меѓу институциите и брзото приспособување се неопходни за географската положба на земјата да се претвори во конкретни транспортни, енергетски и дигитални врски.
Петрова оцени дека Европа се наоѓа во сложено безбедносно опкружување, во услови на војни во нејзина непосредна близина, како и пред потребата да ги намали економските зависности и да ја гарантира енергетската стабилност.
Според неа, иницијативата е можност клучните инфраструктурни проекти за Бугарија да бидат поставени во поширока европска рамка.
„Поврзаноста е многу повеќе од инфраструктура – таа е стратешка инвестиција во безбедноста, конкурентноста и иднината на Европа“, изјави бугарската министерка.
Бугарија ќе работи со Европската комисија и со европските партнери на подготовката на форумот, на кој треба да учествуваат политички лидери, претставници на европските институции, финансиски организации и бизнис-секторот.
Еврокомесарката Марта Кос ја оцени Бугарија како клучна за изградбата на новите трговски, енергетски и дигитални врски на Европа со Турција, Црноморскиот Регион, Јужен Кавказ, Централна Азија и Блискиот Исток.
Кос го истакна и значењето на Коридорот VIII како важна железничка врска меѓу Јадранското и Црното Море.
Таа посочи дека одделните инфраструктурни проекти треба да бидат обединети во поширока европска политичка амбиција, насочена кон намалување на зависностите и зајакнување на отпорноста на Европа.
За време на посетата на Стразбур, Петрова учествуваше и на пленарната седница на Европскиот парламент, се сретна со еврокомесарот за меѓународни партнерства Јозеф Сикела и разговараше со бугарските пратеници во Европскиот парламент.

