|

Петровска на свеченоста за Денот на Командата за операции: Оваа команда е столбот на македонската Армија

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска, во касарната „Боро Менков“ во Куманово, се обрати на свеченоста по повод 17 Октомври, Денот на Командата за операции, најмногубројната команда во Армијата, која во себе ги вклучува сите видови армиски родови и служби.

Министерката Петровска оваа команда ја нарече „столбот на нашата Армија“, која многупати ги покажа своите квалитети.

„Командата за операции во текот на сите овие години ги покажа своите квалитети. Во вашата структура е Лесната пешадиска баталјонска група, нашиот НАТО-состав, кој интензивно се обучува и се опремува со најнова и најсофистицирана опрема. Припадниците на Армијата, кои со своето учество во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и во Бугарија, даваат суштински придонес кон колективната безбедност на НАТО, во најголем дел доаѓаат токму од оваа Команда. Вашите припадници беа упатени и во Словенија во помош и поддршка на нашите сојузници во справувањето со големите поплави“, рече министерката.

Петровска истакна и дека војниците, кои се секогаш и секаде подготвени да им помогнат на граѓаните при елементарни непогоди, доаѓаат токму од единиците што се во рамките на Командата за операции, што го покажува нејзиното значајно место во одбраната. Додаде дека Министерството продолжува активно да инвестира и во подобри услови и поголема мотивираност на секој армиски припадник.

„Процесот на модернизација и опремување, чии резултати се веќе видливи, е процес што ќе продолжи да се движи со позабрзано темпо. Во буџетот, кој е во фаза на планирање за в година, се издвојуваат 2 процента од домашниот бруто-производ за одбраната, а една третина и понатаму ќе биде наменета од тој буџет за продолжување на процесот на модернизација. Тоа значи дека можеме со сигурност да кажеме дека Армијата ќе продолжи континуирано да се опремува со нова, модерна и софистицирана воена опрема“, истакна министерката.

На свеченоста се обрати и командантот на Командата за операции, бригадниот генерал Бесник Емини, кој порача дека Командата за операции како еден од главните столбови на одбраната во континуитет работи на способностите и вештините на единиците.

„Развојот на човечкиот потенцијал, како и подобрувањето на условите за работа, се од особено значење и претставуваат главен предуслов за адекватен развој на вооружените сили и главен фокус на лидерите во Армијата“ и додаде дека амбиција на Армијата е во континуитет да се приспособува со цел успешно пресретнување и справување со новите предизвици и закани.

Генералот Емини на војниците им порача да продолжат успешно и со ентузијазам да ги извршуваат обврските и задачите бидејќи само со посветеност, интегритет и храброст ќе придонесат за натамошно градење на ликот на Армијата.

По повод Денот на Командата за операции, беа доделени стимулативни мерки, а 1. пешадиски баталјон е прогласен за најдобра единица во Командата.

Денот на Командата за операции, 17 Октомври, е денот кога во 1887 година за време на македонското Кресненско востание е формиран првиот воен штаб на воена формација во македонската историја.



Слични Објави