Петровска од Грац: Градењето отпорност е најдобрата одбрана против растечките безбедносни предизвици
Најдобриот одговор на денешната безбедносна реалност е градењето на една сеопфатна општествена отпорност, преку засилена соработка особено преку регионални и меѓурегионални иницијативи како што е Грац – форматот, нагласи министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешниот состанок во австрискиот град Кремс, на кој учествуваа министрите за одбрана на Австрија и пет балкански земји – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.
Петровска, како што соопштија денеска од МО, порача дека руската агресија врз Украина, вклучувајќи ги и нападите врз украинската инфраструктура, претставуваат базично непочитување на меѓународното право и непочитување на Повелбата на Обединетите Нации. Северна Македонија, нагласи Петровска, од првиот момент ја осуди оваа инвазија и даде целосна поддршка на Украина и украинскиот народ во заштитата на својата независност и сувереност.
– Постојаните напади врз инфраструктурата во Украина покажуваат дека земјите мора да се фокусираат токму на градењето на отпорност, размената на информации и на научени лекции како подобро да се организираат во заштитата на критичната инфраструктура и есенцијалните услуги за граѓаните, но и економиите, потенцира Петровска.
Таа се осврна и на неколку модули за развој на клучен персонал организирани во овој формат, како Регионалниот курс за стратешко лидерство и Курсот за цивилно-воен кризен менаџмент, за кои, како што посочи, се одлична можност претставниците на земјите да работат заедно, да разменуваат идеи како да се справиме со предизвиците и како да ги развиваме вештините на нашите идни лидери.
Во контекст на растечките закани, министерката ја спомена и борбата со дезинформациите и хибридните закани, при што информира за реализацијата на првиот пилот – курс за справување со дезинформации и градење отпорност во НАТО – партнерскиот центар во Северна Македонија, Регионалниот центар за односи со јавноста.
– Главната цел на овој курс е да развиеме способности за детекција и справување со дезинформациите, мисинформациите и пропагандата кои се сериозна закана за нашите современи општества, истакна министерката, додавајќи дека овој курс на меѓународно ниво ќе биде достапен во втората половина на следната година.
Соработката во форматот Грац е иницирана од Австрија во 2018-та година, како начин за засилување на безбедносната соработка со земјите од Западниот Балкан, за што беше потпишана и Заедничка декларација. Овој формат има за цел да овозможи поинтензивен дијалог и соработка во справувањето со современите предизвици како миграцијата, хибридните закани, потоа учеството во операциите на Европската Унија, градењето на капацитети и приближувањето на регионот кон Европската Унија.
Извор: Zoom. mk


