|

Петровска: Работиме на стратешко партнерство со сојузничка Норвешка

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска имаше средба со државниот секретар на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, Ејвинд Вад Петерсон, норвешкиот амбасадор Јорн Гјелштад и со одбранбениот аташе на Норвешка, полковник Даг Магне Лунде.

Продлабочувањето на одбранбената соработка помеѓу Македонија и Норвешка преку потпишување повеќегодишен стратешки план за соработка помеѓу двете армии беше тема во фокусот на денешната средба, на која се разговараше и за зајакнувањето на колективната безбедност и проширувањето на алијансата преку приемот на Шведска, како и за норвешката донација на воена опрема за македонската Армија.

„Република Северна Македонија уште минатата година го ратификува пристапниот протокол за членство на Шведска во НАТО и очекуваме оваа земја да се придружи на северноатлантското семејство во најбрз можен рок. Така ја зацврстуваме нашата колективна безбедност и така го демонстрираме нашето единство“, порача Петровска.

Во поглед на процесите за модернизација и опремување на македонската Армија, министерката се заблагодари за норвешката поддршка и донација на воена опрема во борбени и товарни возила, која треба да се реализира во текот на 2023 година.

Воедно, на средбата Петровска ја осуди руската агресија врз Украина и потенцира дека Македонија беше меѓу првите држави што ја поддржаа Украина со конкретна воена помош за одбрана на сопствената територија.

„Украина е таа што легитимно ја брани својата држава. Затоа бевме меѓу првите држави што ја осудија руската инвазија и дадовме политичка, но и воена поддршка за одбрана на своите граѓани и територија“, рече Петровска.



Слични Објави