Ковачевски: За да се случи втората меѓувладина конференција со ЕУ, потребно е да имаме стапени во сила уставни измени
„Втората меѓувладина конференција е дел од Преговарачката рамка. Таа е објавена на страната на Министерството за надворешни работи. Во моментот кога ќе заврши скрининг процесот, се прават извештаите и се закажува без никакво одложување втората меѓувладина конференција. До одржувањето на втората меѓувладина конференција треба да бидат направени уставните амандмани. Нивното стапување во сила треба да биде на денот или пред денот на одржување на втората меѓувладина конференција“, ова пред македонските новинари во Берлин, го изјави премиерот на РС Македонија Димитар Ковачевски.
Од изјавата на Ковачевски станува јасно дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ уставните измени да се изгласаат во собрание и да бидат со одложено дејство не може да стане реалност.
Уставните измени не можат да се донесат по одржувањето на втората меѓувладина конференција бидејќи тоа значи дека не се исполнува условот за одржување на самата конференција.
„Ако немате направено стапени во сила уставни амандмани, тогаш нема и одржување на конференција. Тоа е јасно напишано и одобрено од Собранието со 68 гласа ЗА и еден ПРОТИВ“, подвлече Ковачевски, додавајќи дека опозицијата на гласала против прифаќањето на условите за почеток преговорите со ЕУ во т.н. „француски предлог“ туку ја напуштила собраниската сала.

