Петрушевски: Вчерашното дивеење на неколку групи е дел од смислено сценарио на СДС и ДУИ за предизвикување етнички конфликт преку кој сакаат да дојдат на власт
Вчерашното дивеење на неколку групи е дел од смислено сценарио на СДС и ДУИ за наметнување на политички поделби и немири. Ова сценарио е за предизвикување на етнички конфликти преку кои ДУИ и СДС би дошле на власт. Дали наместо протести кои ги најавуваше ДУИ добивме црно сценарио за провокации и етнички немири?, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Токму на ова предупредуваше и премиерот Христијан Мицкоски кога кажа дека има уфрлено групи за провокација кои се со тесни врски со политички центри. Дали навистина мислат ДУИ и СДС дека преку газење на македонското знаме, пукотници и блокирање на градови ќе дојдат на власт? Зошто се толку многу исплашени? Дали вака мислат дека ќе се спасат од соочување со правдата? Дали ДУИ и СДС поради тоа што се немоќни и немаат поддршка за протести решија на овој начин, преку етнички провокации да се наметнуваат во јавноста?“, посочува Петрушевски.
Како што вели, ВМРО-ДПМНЕ остро и недвосмислено ги осудува сите инциденти во текот на вчерашниот ден.
„Бараме од органите на прогонот да покренат постапки и со најстроги мерки и одлуки да се пристапи кон примена на законот. ДУИ и СДС сеат семе на раздор. Тоа се антидржавни партии за кои партискиот и личниот интерес се над државниот. Ова беше црно сценарио за предизвикување на етнички немири. Граѓаните да останат смирени и да покажат висока свесност за потребата да се игнорираат ваквите провидни црни сценарија“, завршува Петрушевски.