Писмото на Тито, јазикот на „мизерниците“ и пругата, која завршува „никаде“
Пишува: Владимир Перев
1.
Писмото (на Тито!) до ЕУ.
Деновиве надолго и нашироко се расправа за можноста македонската Влада да напише писмо до органите на ЕУ во кое јасно ќе ги објасни позициите на Македонија по прашањето за односите со Бугарија. Премиерот Мицкоски вели дека тој прво ќе оди во Берлин и во бриселските институции за да ја опсуди работата и добие нови сознанија…писмото веќе се пишува, но ќе се заврши по враќањето на Премиерот.
Нашето општество има искуство со таквите политичко-национални писма. Некаде есента 1972 година, “другарот Тито“, заедно со членовите на ЦК СКЈ, подржан од Стане Доланц, Лазо Клишевски и Киро Глигоров, напиша писмо до членовите на партијата, но и “до сите граѓани“, во кое се залагаше за ликвидирање на либерално-националистичките тенденции во југословенското општество и враќање на позициите на тврд болшевизам. Писмото наиде на голем одѕив, многумина од нас не го разбраа, но откако се виде дека тоа е гола борба за власт и враќање на старите компромитирани кадри, почнаа шегите на сметка на Тито. Тоа беше почетокот на падот на еден сталинист и на еден култ. Основната шега беше дека писмото е испратено “до никаде“, бидејќи немало марка…се мислеше на нашата сиромаштија, ниските плати и отсуството на конвертибилна валута, тогавашната германска марка. Писмо без марка не оди никаде, гласеше шегата.
Многумина од нас, не ја разбравме поуката од Титовото писмо. Понесен од идеалите на “култниот“ Тито, и јас лично му напишав едно “македонско писмо“ на поранешниот бугарски претседател Георги Прванов. Писмото беше објавено, па преобјавено, но заврши во корпата за отпадоци во сите институции кои веројатно го виделе или прочитале. Мене пријателите во Бугарија ми се потсмеваа…ефект рамен на нула, изгубено време и потрошени страсти!
Неколку години подоцна, еден стар македонски комунист и проверен борец “против буржоазијата и фашизмот“, образовен човек, ми упати неколку размисли. Види ваму, ми вели тој, писмото до Прванов ти е одлично, подобро од она Титовото до нас, ама тоа е непотребна работа – писмо пишуваат слабите, немоќните, оние силните не пишуваат, тие во едната рака ги држат парите, а во другата пиштолот…немаат слободна рака за пишување!
Мицкоски не треба да оди низ европските институции. Ако до сега не ги научил работите, од сега натаму ништо нема да научи, му поминало времето за учење. Нека не пишува никакви писма, освен оние во кои ќе коленичиме за да добиеме некакви пари, трошките од европската трпеза…пиштоли немаме, а немаме ни луѓе готови за пиштоли. Тоа треба да се знае.
2.
Јазикот на “мизерниците“!
Ние македонците со генерации сме воспитувани во духот на југословенството. Така и го научивме српско-хрватскиот или ако баш сакате хрватско-српскиот јазик и неговите финеси. Научивме за трите дијалектните говори, научивме за двете писма, кириличното и латиничното на тој јазик, но малку научивме за нашиот, македонскиот јазик. Како и сите поробени народи, го научивме јазикот на окупаторот. За бугарскиот ништо не научивме, тоа беше забрането писмо и четиво…само нашите баби и дедовци понекогаш не учеа да читаме од некои фрлени по таваните стари книги, напишани за нас на непознат јазик и писмо.
Околу илјада и триста години на пространствата меѓу Охрид и Црно море и Дунав и Белото море, се говореше на еден јазик, бугарскиот јазик. Тоа беше јазикот на бугарската држава од времето пред Самоил, за да продолжи преку самоилово време, сѐ до Третото бугарско царство…една држава, еден народ, еден јазик, богат со своите дијалектни форми. Како би рекол вицепремиерот Николоски, “јазикот на мизерниците“! Формалната поделба се случува на Илинден 1944 година, кога се формира македонската федеративна република и се носи акт за формирање на македонски јазик и писмо. Сите ја знаеме историјата на тоа писмо и мрачната судбина на учесниците во “јазичните комисии“. Тоа е јазик туѓ на македонскиот фонетен систем, тоа е писмо неприфатливо до денешен ден, тоа е, како велат саркастичните типови во Бугарија, “бугарски јазик на српска машина за пишување“. Но, тоа не е така, тоа е само формална поделба. Вистинската поделба настанува неколку години подоцна, кога Бугарија врши реформа на јазикот, ги исфрла графемите двојното е и носовката, ги прифаќа источните бугарски говори за официјални. Така Софија удира “глогов колец“ на единството на бугарските источни и западни дијалекти и говори. Конечно, тоа е реализацијата на на идеите на архитектот на бугарскиот современ јазик, Марин Дринов, за близината на бугарскиот со рускиот јазик. Во своето капитално дело “Историјата на БКП“, бугарскиот интелектуалец и емигрант проф. д-р Никола Алт’нков, одлично и точно ја опишал ситуацијата со двојното е, како синорен камен на бугарските дијалектни форми.
Македонските херои како Тодор Александров, Гоце Делчев, Дамјан Груев и ред други, ја имале честа да паднат во борба или заговор, па нивните дела да бидат опеани во песни. Вистинскиот херој на единството на бугарските источни говори и западните “македонски говори“ е големиот интелектуалец и фолклорист Кузман Шапкарев. Тажно е да се читаат неговите писма по бугарските весници и институции, во кои говори дека јазикот во учебниците треба да се приспособи и на “македонските говори“ за да биде разбран од децата овде…тоа е глас на жедниот во пустина. Додека србите и хрватите ги негуваа и присвојуваа дијалектните форми на јазикот, дотогаш бугарите ги сепарираа и се откажуваат од своите исконски дијалектни форми, стеснувајќи го јазичното пространство и создавајќи простор за јазичен сепаратизам. Само некаде (многу ретко) можеме да прочитаме дека бугарскиот јазик, покрај официјалните источни говори, содржи и македонски говори, дека има и бугарски павликијански јазик и дека бугарски се пишува не само кирилично, ами павликијанците пишуваат со латинично писмо веке неколку стотини години!
Затоа, во блиската иднина, да се потрудиме барем бугарските телевизии и медии да не прават преводи од македонски на бугарски јазик. Нека новинарите и политичарите од Македонија говорат така како си знаат. Тогаш ќе видиме, ќе ја разбереме величината на идејата на Шапкарев за единството на јазикот и писмото. Така и ќе сознеме, колку навистина македонци ги совладале бугарските графеми и колку бугари лесно се привикнале на “писмото си српска машина за пишување“!
3.
Возот кој “оди никаде“!
Железопатните линии и автопатите ги гради и ја запира градбата, само политиката. Парите тука немаат никакво значење, пари секогаш има, ако така реши политиката. Историјата на коридорот 8 е историја на подеми и падови на империи. Таа историја свидетелствува за падот на Отоманската империја, за пропаста на бугарското царство и за подемот на Србија и Грција…цела едновековна историја, собрана во стотина километри неизградена пруга.
Некои индивидуи во Македонија и Бугарија се залажуваат дека пругата нема да се гради, говорат дека е “неисплатива“ и ненужна на овие пространства. Празни приказни. Обична измислица е дека “тунелот на Деве Баир не води никаде“, затоа што пруга таму, на само два километра од границата, има многу одамна. Постои и студија од која се гледа темпото на обнова на пругата и средствата кои се потрошени и се трошат…сѐ, до последниот цент!
Никој на Балканот нема сили да промени проект на НАТО и ЕУ, може само да го одлага на неодредено време, но и тоа брзо минува. Европа притисната од војната во Украина, во очекување на нова војна по завршувањето на украинската, притиска пругата да се изгради. Вообичаената приказна дека “немаме пари и не е добро планирана“ сега веќе никој не ја слуша. Има да се гради по зацртаната линија и тоа е завршена работа. Баш по определената траса!
Неверојатно е како некој помислил (вицепремиетот Николовски) дека може парите за Коридор 8 да ги пренамени за Коридор 10, со образложение дека НАМ тоа ни е најнужно…кој воопшто му кажал дека некого во НАТО го интересира нашето мислење или потреби. Дури и Грција не е многу заинтересирана за некакава “брза пруга“ со Белград и Европа. Грците имаат свои интереси, тесно поврзани со бугарските.
Врската на Солун е со Бугарија. Таму се интерсите на бугарскиот капитал…само да посочам делови од една студија за економските односи на релацијата Софија-Атина:
Магистрала Струма има приоритет…во Северна Гърция – 3600 имоти купени од Бугари, а 20% е бугарска сопственост на терминалот за течен гас во Дедеагач, вкупна енергетска зависност на 250 000 българи…Уште во 2013 година, пристаништето во Солун најави отворање на специјална канцеларија во Софија со цел да се олеснат комерцијалните контакти на бугарските компании, кои се меѓу главните деловни партнери од регионот. Сепак, треба да се има предвид дека улогата на пристаништето во Солун е поголема за бугарскиот увоз отколку за бугарскиот извоз, кој поминува главно преку црноморските патишта…Грчкиот бизнис е меѓу главните инвеститори во Бугарија со значителен интерес во финансискиот сектор и трговијата. Како резултат на економската криза што ја зафати Грција, од 2008 година постои тенденција грчките компании од областа на Солун да се преселат во Бугарија поради поповолното економско опкружување, вклучувајќи ги и пониските даноци и трошоците за работна сила. Во 2024 грчкиот министър за економиjа и финанси Костис Хадзидакис декларира за време на неговата посета во Софиjа : “Како што веќе напоменав, оваа година Бугарија е почесна земја на 87. Меѓународен саем во Солун, но и многу важен партнер за Грција – поважен отколку што може да мисли некој што не се занимава конкретно со трговија и меѓународни економски односи. Бугарија е вториот најважен пазар за грчкиот извоз. Тоа е исто така многу важна дестинација за значајни грчки директни инвестиции, над 1 милијарда секоја година. “
Ова не е извадок од некаква тајна студија,…ова е позната работа, тоа го знаат и Мицкоски и Вучиќ и Орбан, но продаваат магла на своите граѓани!
Бугарскиот аналитичар Огњан Минчев во својата статија во Фактор.бг, (13.10.2024 г.) кон крајот на текстот заклучува:
[Јас] съм ентусиазиран привърженик на категорична българска позиция за скоростно довършване на Коридор 8 като предусловие за европейската интеграция на РС Македония. Смятам също така, че българското правителство е необходимо да планира и осъществи час по-скоро проект за концесия на една нова магистрала София – тунел Петрохан – Видин като ключов сегмент на алтернативен и конкурентен маршрут от Атина, Истанбул и Близкия изток към Централна Европа. Белград, разбира се ще беснее и ще пречи. Хайде сега да видим големите юнаци и воеводи в София как ще си премерят “топките” с четническите разбойници и наглеци от непосредствения “Запад”!
Значи, и на бугарите не им е лесно, и тие се борат со своите наследени демони, непријатели и страсти! Тоа ме радува, не сме сами!
Приказните за писмото кое ЌЕ се пишува, за “многувековниот македонски јазик“, за интересите од Коридор 10 и загубата од Коридор 8, се само намери да се манипулира македонската јавност. Поминаа 100 дена, време е да се дадат резултатите. Приказните за “свитканата кичма и полирањето туѓи чевли“ не врват.
Впрочем, никој не ги бара тие сервилности од македонската Влада. Тие само треба да ја внесат Македонија во ЕУ и да се преборат со сопствените демони кои се вгнездени во Белград, Будимпешта и Москва.
Само толку!

