| |

Пласидо Доминго ќе добие награда за животно дело на „Тракиските награди за класична музика“ во Бугарија

Светски познатиот оперски пејач Пласидо Доминго ќе ја добие наградата за животно дело на „Тракиските награди за класична музика“, основани од бугарската оперска пејачка Соња Јончева, јавува 24 часа. Второто издание на манифестацијата ќе се одржи на 22 јуни 2027 година во Античкиот театар во Пловдив, Бугарија, каде што славниот уметник за првпат ќе настапи во родниот град на Јончева.

„Пласидо веќе многу години е како дел од моето семејство и за мене ќе биде чест и задоволство тој за првпат да го посети мојот роден град и да пее во него. Нему му должам многу за мојата кариера, а светската оперска уметност не познава друг уметник со достигнувања како неговите“, изјави Соња Јончева, најавувајќи го второто издание на наградите што ги основа.

Јончева го добила своето прво престижно признание во 2010 година, на меѓународниот оперски натпревар „Опералија“, основан од Доминго. Натпреварот веќе три децении открива нови таленти за светските оперски сцени.

Едно од изданијата на „Опералија“ минатата година се одржа во салата „Бугарија“, додека последното издание заврши пред неколку дена во Операта во Шангај.

Пласидо Доминго има речиси 70-годишна непрекината кариера како оперски пејач. Дебитирал во 1957 година и оттогаш учествувал во повеќе од 4.500 претстави. Добитник е на 12 награди „Греми“, а во текот на својата кариера настапувал со речиси сите светски оперски ѕвезди од својата генерација и од следните генерации.

Слични Објави