Пловдив ја одбележа 172-та годишнина од раѓањето на големиот бугарски државник Стефан Стамболов
Со воен ритуал и полагање венци и свежо цвеќе во бугарскиот град Пловдив беше одбележана 172-годишнината од раѓањето на големиот бугарски државник Стефан Стамболов, јавува БНР.
Во одбележувањето на плоштадот што го носи неговото име, по традиција учествуваа воен духов оркестар, почесен вод и членови на комитетот „Родољубие“.
Стефан Стамболов е убиен на 41-годишна возраст, во центарот на Софија. Во својот краток животен пат учествувал во три востанија. На 30 години станал претседател на Народното собрание. На 32 години станал регент, а на 33 – премиер на Кнежевство Бугарија. Успеал да го спречи обидот за државен удар против кнезот Батенберг, ги пресекол обидите на Русија да управува со Бугарија како со губернија и го одобрил Соединението на Бугарија спротивно на волјата на сите Големи сили.
За сите овие настани, пловдивчани оддадоа почит на Стамболов и положија цвеќе пред неговиот споменик. Општественици, меѓу кои и градоначалникот Костадин Димитров, исто така се поклонија пред неговото дело.
Плоштадот пред општината го носи името на Стефан Стамболов од 1997 година, кога по предлог на тогашниот градоначалник Спас Грневски е донесена одлука од Општинскиот совет за преименување на просторот. Тогаш е поставен и споменикот на бугарскиот државник, чиј автор е познатиот скулптор Красимир Русев.

