По повод 24 мај во Виена ќе се одржи традиционалната „Гала на бугарската култура и музика“
„Гала на бугарската култура и музика“ ќе се одржи по третпат во Виена по повод 24 Мај. Бугарски и европски уметници ќе учествуваат на концертот во Виенски концертхаус, информираат организаторите, јавува БТА.
Според нив, овој пат, токму на денот на светите браќа Кирил и Методиј, на сцената ќе има значајно присуство на целиот состав на еден од најдобрите современи бугарски оркестри – „Симфониета Враца“ (диригент Христо Павлов), ѕвездата на музиката, киното и театарот Орлин Павлов, џез триото на Живко Петров – JP3, светски познатото сопрано Илдико Рајмонди од Виенска државна опера, португалската пејачка Сандра Пирес, виолинистката Лидија Бајч, пијанистката Донка Анѓучева, Браќата Владигерови и други.
Водителка ќе биде младата актерка со бугарско и шпанско потекло Киара Базага.
„Гала на бугарската култура и музика“ се реализира по иницијатива на пијанистката Донка Анѓучева и нејзината уметничка иницијатива Die Kunst lebt weiter („Уметноста продолжува да живее“) во партнерство со културната организација Темпо Рубато.
Концертот вклучува дела од Фредерик Шопен, Франц Лист, Астор Пјацола, Франц Лехар, Парашкев Хаџиев, Мануел де Фаја, Александар Владигеров, Панчо Владигеров, Ерос Рамацоти, Живко Петров.
Според организаторите, еден од главните акценти ќе биде музичкиот дует меѓу Орлин Павлов и Сандра Пирес, кои за првпат пред виенската публика, заедно со „Симфониета Враца“ и солисти, ќе изведат верзија на песната „Here I Am“, аранжирана специјално за овој концерт.
