Во „име“ на народот

//

Facebook статус на Никица Корубин

“Народот” е најприсутен во јавниот говор, деновиве. Сите се повикуваат на него и сите зборуваат во негово име. Иако, формално, сите се залагаат за слобода на говор и право на изразување, кога треба истото да го практикуваат, ретко тоа го прават во лично име, туку во “име на народот”. А, ако и го направат во лично име, секогаш како ултимативен финиш, завршницата на секоја дебата е “така вели народот”. Па, сите се расфрлаат со проценти, проценки и претпоставки, за “мислењето” на народот, со една единствена цел: покритие на сопственото (несигурно) мислење. Кое или не е сопствено или не е искрено.

А, зошто некому му треба “помош од народот” за да го искаже својот став? И како тоа, било кој поединец или организација (читај партија), би го знаела мислењето на народот? Или зошто би имала потреба да зборува “во име на народот”? Право секако нема, ама таа првична узурпација (правото), е до тој степен потрошена, што останува само голата потреба, потреба за легитимација на ставот. Кој веројатно и нема да биде толку легитимен и силен, ако позади него не стои “народот”. Затоа што деновиве, легитимацијата за сите ставови се бара “во народот”. “Народот сака”, “народот не дозволува”, “80 проценти од македонскиот народ”, “не во име на народот” и во тој стил, паушални, ама силни (зло)употреби на еден генерички поим со свето значење: “народот”.

Но, зошто толку често “народот”, а се поретко “граѓаните”, кога треба заштитен параван за сопственото мислење? Како, кога и зошто се врати “народот” на сцена, а исчезнаа “граѓаните”? Затоа што “народот” е компактна маса, нераздвојна, звучи патриотски; а “граѓаните” се мешани, па лесно можеш да ги раздвоиш, посебни индивидуалци, неконтролабилни? Иако, и “граѓаните” употребени така воопштено се всушност злоупотреба и параван, сепак народот е најсилната и најсуштинска злоупотреба за ширење без последици на било каква форма на манупулација (фобија, говор на омраза, хистерија, јавен линч); затоа што се’ е “во име на народот” нели? “Не го убивајте гласникот” тој само толкува, што “народот сака да каже”.



Оваа месијанско-авторитарна позиција на грубо злоупотребување на сите поединечни граѓани, ставени на куп во недопирливиот “народ”, е последниот рецепт за константна тензија и атмосфера на пресметка. Во современа демократска држава со парламентарна демократија, во организиран систем на владеење на правото, има поединечни граѓани, со свој сопствен став, кој доколку сакаат го изразуваат. Во процесот на избори, правото да бираат и делегираат го пренесуваат на избраните претставници; а не правото да размислуваат. По излезноста на последните неколку циклуси, се гледа колку граѓаните се спремни да го пренесат легитимитет. Некако преполовен “народот” од старт, а потоа и десеткуван.

И затоа, во име на слободата на говор и заштита на истата, слободно зборувајте во свое име, без заштита и без покритие, без лажен ексклузивитет, и без “одбрана на истиот”, затоа што секако на лично ниво, “народот” е апстрактен колку што е апстрактна и лажната грижа за него. Нешто слично како и грижата за граѓаните, со таа разлика што на граѓаните како индивидуалци со сопствен став, не им треба ничија “света одбрана”. Им треба организиран и функционален систем, со права и одговорности. А, народот? Па, народот е секој од нас, колку што сме и ние дел од народот. Ама, како поединци, а не како маса.

Претходна статија

Бугарската амбасада се вклучи во добротворна иницијатива за децата со посебни потреби

Следна статија

Ким Мехмети: Што ги прави луѓето да заборават кои биле и да не знаат кои се!

Најново од Ваш став

Живот во мит

Fb статус на Никица Корубин Што подразбираме кога ќе кажеме Македонија и Македонски е прашањето со

Потрага по идентитетот

Facebook статус на Никица Корубин Три достапни документи: Преговарачката рамка на 25 страници, Заклучоците на Советот