|

ПОА на Вранишковски доби епархии од МПЦ, ќе бидат објавени откога ќе се усогласат со Српската православна црква

Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) им додели епархии за управување на владиците на Православната охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски која од 2002 година делуваше во единство со Српската православна црква (СПЦ). Со поделбата на епархиите почна процесот на обединување на МПЦ-ОА и ПОА. Отец Тимотеј, по седницата изјави дека одлуките ги донесле едногласно, без издвојувања, но за тоа како ги поделиле епархиите ќе соопшти откако ќе се усогласат со СПЦ.

„Денеска започна процесот за интеграција на ПОА во Македонската православна црква. Донесени се неколку одлуки меѓутоа се уште не можеме да ги споделиме со севкупната јавност. Како македонска така и друга. Истите треба да ги усогласиме со Српската православна црква. Откога ќе ги усогласиме, ќе бидете и вие информирани. Одлуките се околу поделбата на епархиите, но за детали не можам да зборувам.“, рече Отец Тимотеј.

Конечната одлука околу обединувањето со ПОА, МПЦ очекува да биде донесена за време на соборот на Српската православна црква, планиран за 14-15 мај. Отец Тимотеј вели дека се усогласени со СПЦ и повеќе немаат недоразбирања.

Дел од медиумите веќе објавија дека некои од постојните епархии на МПЦ ќе бидат поделени и со четири од нив ќе управуваат владици на ПОА. Отец Тимотеј за „Макфакс“ потврди дека имале такво барање но рече дека од седницата на Синодот ќе зависи колку ќе добијат.

Слични Објави