ПОБЕДЕТЕ ГИ „ТАТАРСКИТЕ“ ИСТОРИЧАРИ ВО ЈАВНА ВИДЕО-ДЕБАТА

За време на владеењето на една „попатриотска“ Влада од сегашната се случи едно јавно видео извлекување на 1600 лица од социјално-ранливите категории кои добија работа на „најтранспарентен можен начин“ како што тогаш велеше министерот за финанси Зоран Немаме за леб а трошиме на чоколада Ставревски.

Таа мината транспарентност од времето, кога богот Гру шеташе по македонската земја слободно, а и сегашната транспарентност изразена со достапот до набавките на телешки мускули, лешници и фстаци за ненајадените политички опоненти на погоре наведениот бог ме инспирира да дадам една бесплатна идеја за нашите историчари кои мака мачат во разговорите со нивните „татарски“ колеги од бугарскиот дел на мешовитата историска комисија.

Предложете во удобен термин за сите инволвирани во оваа карма-каша да се одржи видео дебата во живо. Така на најтранспарентен начин, ќе можете да ѝ покажете на исплашената македонска јавност дека навистина вашите колеги од Бугарија, лажат, крадат и имаат вошки.

Преку јавната дебата емитувана во живо ќе можете да докажете дека политичари како Каракачанов и Ковачев вршат притисоци врз вашите колеги од Бугарија.

Ќе можете да докажете и дека Наум Кајчев излажа кога пред бугарските медиуми рече дека некој наш историчар му кажал „ако признаеме дека Гоце е Бугарин ќе висиме на прва бандера“ или така некако.

Направете ја таа јавна дебата, побарајте и преведувач на англиски. Така цел свет ќе научи дека тврдењата на Каракачанов и Ковачев и барањата на Бугарија за признавање на историската вистина за јазикот и идентитетот навистина не им припаѓаат на 21-от век.

Преку преносот во живо јавно ќе ги покажете документите според кои Бугарија нема право да тврди дека Гоце се изјаснувал како Бугарин, нешто што го правеле сите македонски револуционери од тоа време. Напикајте им го пред дигнатите носеви, нашиот став, ама јасно и со документи. Победете ги тие клети Татари, наследници на фашистите од 41-ва! Можете ли?

Има еден многу тенок момент во оној напредок што го спомнуваат Љубчо Георгиевски, а денеска и колегата Сашо Орданоски, а имено дека ете со своите потези Каракачанов и Ковачев го рушат постигнатото околу заедничкото славење на одредени историски ликови од минатото.

Ако Гоце не бил Бугарин или пак се пишал Бугарин оти така морал, зошто се договарате со Бугарите за заедничко чествување на неговиот лик и дело?

Така мора според договорот ли? Ако не се договарате, нема потреба да постоите нели? Нема да има хонорари, нема да има шетања на релацијата Скопје-Софија, така ли да ве разбирам?



Излезете бе јавно и кажете дека не преговарате за Македонецот Гоце! Докажете со документи дека не се изјаснувал како Бугарин, не пишувал на бугарски јазик, за да се заврши тоа лудило еднаш за секогаш. Така ќе им ги затнете устите и на Каракачанов и на Ковачев и на вашите колеги умислени историчари. Ќе ги победите наследниците на фашистите, многу појако отколку што ги победил дедо му на Стефчо Муња бугарските фашисти во крвавите битки низ кривопаленчките села за време на таа проклета три годишна бугарско-фашистичка окупација!

Ги имате документите, ја имате приказната, покажете ги јавно! Што има повеќе за договарање. Бугарите викаат нема ЕУ, ако не признаете дека современиот македонски јазик и идентитет имаат бугарски темели. Покажете им дозволата за градба на македонските темели и да се завршува со таа приказна.

Колку време планирате да тегнете локуми?

Ако вистината е на наша страна и Бугарите лажат докажете го тоа јавно!

Ако пак ние некаде нешто сме излажале или пак подмениле, например во некои книги каде што пишувало Бугари, ние сме го читале Македонци, редно е да си признаеме и да наведнеме глави. Не сте вие криви. Такво било времето, се диктирала историјата во политички кабинети и не се диктирала само во поранешна Југославија, се диктирала и во Бугарија. И на повозрасните ваши колеги, што ја осетиле убавината на живковизмот, како што вие на титовизмот, им диктирале.

Охрабрете се! Победете ги Бугарите, јавно и транспарентно, во живо со видео пренос, за да можат тоа да го видат сите Македонци, тие кои веруваат дека се потомци на Александар, тие кои уште се титови пионери во душа и оние најлошите, најгадните, Македонците што се Македонци како Гоце Тодор и Ванчо, но не и како Лазар Колишев(ски) и  Цветко Узуновски-Абас.

PS: И една лична молба: Ве молам демантирајте го Никола Тодоров кој напиша дека во минатото го учеле да ја мрази Бугарија. Ми дојде преку глава од такви како него што собираат сила да кажат одредена вистина кога веќе не ги развозуваат со службени коли и на државна сметка.

Автор: Атанас Величков