Почнува изградбата на НАТО база во Бугариja со капацитет за бригада и цела дивизија
Во Бугарија започнува изградбата на нова НАТО база во реонот на Кабиле и Безмер, која ќе ја прими моменталната мултинационална борбена група (околу 1.200–1.300 војници ) и ќе има капацитет за бригада од околу 5.000 војници, а по потреба и за цела дивизија.
Бугарската влада одобри спогодба со Италија за заедничка изградба и користење на воени објекти во реонот „Кабиле“. Локацијата е стратешка – во близина на воениот аеродром во Безмер и цивилниот аеродром во Сарафово, полигонот „Ново село“, железничката мрежа и излезот на море.
Проектот предвидува модернизација на објектите, изградба на трафостаници, канализација, привремен камп, систем за командување и контрола, како и авијациски компонент во Безмер. Почетната инвестиција ќе надмине 100 милиони евра, а ќе биде финансирана од државниот буџет и фондови на НАТО, со учество на Агенцијата за поддршка и набавка на Алијансата (NSPA).
Планирано е и формирање на мултинационален дивизиски штаб, по моделот на постојниот во Романија, кој ќе ги координира бугарските бригади и сојузничките сили. Од проектот се очекуваат и економски придобивки за регионот – во градежништвото, услугите и снабдувањето.
