ПОЧНУВА ВЕВЧАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ ЗА НАРОДНА КУЛТУРА „ПОБРАЖЕЊЕ“

Денеска во Вевчани започнува 9-тиот по ред Фестивал за народна култура ,,Пображење“, во организација на Културно уметничкото друштво ,,Дримкол“ од Вевчани. Од денеска и во наредните три дена, 500 уметници од различни држави ќе ја презентираат народната култура пред Вевчанската публика и пред многубројните туристи и гости кој токму овие денови престојуваат во Вевчани и регионот.

Фестивалот започнува вечерва во Домот на културата со презентација на Етнолошки документарни филмови, а како учесници оваа година со свои авторски дела ќе се претстават: др. Владимир Боцев ( ,,Возот за Мартолци,,), Елзи Иванчич Дунин и Даниел Петровски ( Са О Рома ) и Бојан Петковски ( филмувана реконструкција ,,Лазарице,,).

Свеченото отворање е утре на летната сцена каде во наредните денови својот фолклор ќе го презентираат Македонски ансамбли и фолклорни ансамбли од Германија, Естонија, Словачка, Хрватска, Полска, Србија.

Покрај сценско уметничката презентација на орската, инструменталната и вокалната култура, во рамките на фестивалот секоја година се реализира и програмската содржина: ,,Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници,, а учесник оваа година е Аница Китаноска-Вевчанска, студент на академијата за убави уметности во Равена, Италија.

Стручниот совет на фестивалот во состав: проф.др. Мирјана Мирчевска, проф.др. Велика Стојкова – Серафимовска, проф.др. Даворин Трпевски, Јовица Блажески и Наташа Кукоска ќе ги оценуваат сите ансамбли, а за најдобриот ансамбал организаторот доделува плакета ,,Чувари на традиција“.

Фестивалот завршува на празникот Преображение Христово на 19 август со етно звуците на Вокално инструменталниот состав ,,Аманет,, од Скопје и Фолклорниот ансамбал при центарот за традиционална култура од Вараждин, Хрватска.

Фестивалот е под покровителство на министерството за култура и на Општина Вевчани.



Слични Објави