Полиција и војска ќе ги чува затворениците во „Идризово“ поради недостигот на чувари
Припадници на МВР и Армијата ќе бидат ангажирани како поддршка на Затворската полиција на КПД „Идризово“.
Одлуката е донесена по состаноците на групата за процена и управувачкиот комитет одржани во Центарот за управување со кризи.
Од ЦУК информираа дека еден од главните проблеми со кои се соочува „Идризово“ е недостигот на кадар во затворот. Велат дека бројот на вработени лица во затворската полиција е недоволен за да ги задоволи секојдневните потреби и активности.
Ќе се бара начин за вработување нов кадар, кој ќе биде одговорен за безбедноста и за ресоцијализаицијата на затворениците.
Директорот на „Идрозово“, Зоран Јовановски, во интервју за „Макфакс“ пред еден месец рече дека чуварите зеле низа боледувања и одмори, што се случи во период кога интензивно беа палени автомобили, а некои од нив добивале и закани за животот. Тој тогаш потврди дека околу 15 проценти од затворската полиција има извадено боледување, но рече „штом матичен доктор дал боледување, тогаш се болни“.
Во мај скандал го потресе затворот кога чувар му помогна на затвореник да избега. Кусо пред тоа беше обелоденето копањето на најголемиот тунел за бегство од страна на осум затвореници осудени на тешки затворски казни.