Полина Маринова е првиот бугарски хирург поканет да предава на меѓународен курс во IRCAD во Стразбур
Доц. д-р Полина Маринова од Медицинскиот универзитет во Плевен е првиот бугарски хирург поканет да предава на меѓународен курс во IRCAD во Стразбур, центар за обука и иновации во минимално инвазивната и роботската хирургија, објави Радио Бугарија.
Маринова најпрво учествувала на два курса со поддршка од ректорот на Медицинскиот универзитет во Плевен, проф. Добромир Димитров. Потоа, проф. Антонело Форџоне ја поканил да се приклучи на предавачкиот тим на институтот.
Според Маринова, покрај хируршките вештини, за поканата било значајно и нејзиното искуство во пренесувањето знаење на помлади колеги.
„Имав можност на Медицинскиот универзитет во Плевен да обучувам помлади хирурзи. Очигледно, тоа искуство веднаш се забележа во странство и придонесе за одлуката на IRCAD да ја продолжи соработката со мене“, изјави таа за Радио Бугарија.
Во обуката, како што посочи, особено значење имаат трпението и повторувањето на одделните чекори додека хирургот што се обучува не ги совлада фазите на операцијата.
„Во меѓународната средина можеш да учиш и од своите студенти и од професорите и менторите, вклучително и преку културната размена и традициите“, рече Маринова.
Таа ја започнала својата работа во хирургијата на жолчните патишта, црниот дроб и панкреасот, а пред три години се приклучила на тимот на проф. Димитров во Клиниката за онколошка хирургија.
Маринова го истакна значењето на роботските технологии во развојот на онколошката хирургија. Според неа, нивната примена придонесува за побрзо закрепнување на пациентите, со помалку лузни и крвавење и со поголема психичка и физичка удобност.
Таа се осврна и на емоционалната одговорност што ја носи работата со онколошки пациенти.
„Нема како да бидеме морално и емоционално рамнодушни и да си кажеме дека сè останува на работа и дека по работниот ден сме други луѓе. Секој хирург ги преживува судбините на своите пациенти“, изјави Маринова.
Покрај хируршката работа и наставата на Медицинскиот универзитет во Плевен, таа учествува и во укажувањето итна медицинска помош во градот. Како главни причини за останувањето во Плевен ги наведе семејството и поврзаноста со универзитетот.
„Треба да има луѓе што ќе останат, ќе ја одржуваат традицијата и истовремено ќе ги поттикнуваат младите да бидат иновативни, креативни и да ја развиваат медицинската наука“, порача Маринова.
