|

Помина еден месец, сѐ уште нема трага од Бугаринот Илија Танчев кој исчезна при нуркање во Охридското Езеро

Помина еден месец од трагичниот настан во Охридското Езеро, кога во близина на заливот кај селото Трпејца исчезна 52-годишниот нуркач од Бугарија Илија Иванов Танчев, пишува Охридпрес.

Според информациите, Танчев на 9 август 2025 година во 13:15 часот извршувал нуркање на длабочина од околу 89 метри, но не успеал да се врати на површината. За негово пронаоѓање веднаш биле ангажирани екипи на Езерската полиција, нуркачи од Црвен крст и нуркачкиот клуб „Амфора“.

Професионалниот нуркач Александар Ацев од Битола, член на спелеонуркачкиот клуб „Врело“, вели дека се претпоставува дека телото се наоѓа на длабочина од 80 до 100 метри, но точната локација е непозната.

„Во моментов пребарувањето се врши со подводен дрон, кој поради ограничениот капацитет на батериите може да работи два до три часа. На таа длабочина времето за работа е многу кратко и условите се крајно тешки,“ објаснува Ацев.

Тој открива дека се разгледува можност за заедничка акција меѓу нуркачкиот центар „Амфора“, клубот „Врело“ и нуркачи од Србија, но дека за реализација се потребни дополнителни финансиски средства. Паралелно, постои и иницијатива приватни компании од Бургас со специјализирана опрема и дронови со површинско напојување да се вклучат во потрагата, доколку добијат дозвола од надлежните институции.

Ацев упатува апел до сите нуркачи кои се движат во заливот кај Трпејца – доколку забележат некакви траги или делови од опрема, веднаш да ја известат Езерската полиција.

Слични Објави