|

Помодарството над традицијата: Велигденскиот зајак и чоколадните јајца во поново време дел и од македонската велигденска трпеза

Има две традиции едната не е наша…

Пишува: Кристина Паскоска, www.mekammk.wordpress.com

Велигден претставува еден од најголемите христијански празници и неговата симболика е поврзана со Христовото Воскресение односно со тоа како Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Всушност, Велигден претставува празник преку кој се празнува победата над смртта.

Велигден иако е религиозен празник, нему му се припишуваат низа на обичаи и ритуали. Како главен елемент од велигденската традиција е јајцето кое претставува древен симбол на новиот живот, се поврзува со народните верувања и празници кои ја слават пролетта. Од христијански аспект, велигденското јајце го претставува Исусовото излегување од гробот и воскресението, додека пак декорирањето на јајцата се верува дека датира уште пред 13- от век.

Во поново време, веќе неколку години наназад покрај обичаите поврзани со бојадисувањето на јајцата, на нашето тло се појавија зајакот и чоколадните јајциња како составен дел при декорирањето на Велигденската трпеза, иако за неговото потекло и поврзаноста нивна нè постојат издржани веродостојни факти.

Некои записи велат дека за првпат Велигденскиот зајак пристигнал во Америка во 1700- тите години заедно со германските имигранти кои се населиле во Пенсилванија и ја пренеле својата велигденска традиција на празнување, наречена “Osterhase” или “Oschter Haws”.

Други извори, се поврзуваат со народниот пагански систем на верувања, каде што симболот на зајакот означува фертилност и го прославуваат за време на пролетниот празник – Еостре (божица на плодноста и земјоделските култури).

Во македонската народна религија, како и во Библијата не се споменува зајакот како симбол во празнувањето на Велигден, па и оттаму дискутабилно е прашањето зошто, како и од каде масовно се популаризирала и притоа распространила низ светот, традицијата со Велигденскиот зајак и чоколадните јајциња кои тој ги доставува.

Слични Објави