Поранешен египетски офицер е нов лидер на Ал Каеда
Сеиф ал Адел, поранешен офицер на египетските специјални сили и висок припадник на Ал Каеда, кој се бара со награда од 10 милиони долари, е новиот и неприкосновен лидер на екстремистичката милитантна организација, се наведува во денешниот извештај на ОН.
Ал Каеда официјално не го потврди назначувањето наследник на Ајман ал Завахири, за кој се верува дека е убиен во минатогодишниот американски ракетен напад врз Кабул.
Во извештајот на ОН се вели дека преземањето на лидерската позиција на Ал-Адел во Ал Каеда не се открива поради талибанците, кои не сакаат да ја признаат смртта на Ал Завахири во Кабул и престојот на Ал-Адел во Исламската Република Иран.
Западните разузнавачки агенции, вклучително и САД, долго време гледаат на Ал Адел како можен наследник на Ал Завахири.
Овој поранешен офицер на египетските специјални сили во извештаите е опишан како способен командант со огромно оперативно искуство стекнато на различни локации.