Последен ден за објавување анкети пред вториот изборен круг, потсетува АВМУ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска ги потсети радиодифузерите дека истекува рокот за објавување резултати од испитувањата на јавното мислење во пресрет на вториот круг од Локалните избори 2025 година.
„Согласно Изборниот законик, анкетите на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес може да се објавуваат најдоцна пет дена пред датумот определен за одржување на изборите за вториот круг на гласање, односно најдоцна до 24:00 часот на 27 октомври 2025 година“, потсетуваат од Агенцијата.
Од АВМУ дополнително укажуваат дека резултати од испитувања спроведени на самиот ден на изборите не смеат да се објавуваат пред затворањето на избирачките места, со што се гарантира фер и рамноправен изборен процес.
