Постмодерни култови на личноста – кога љубовта ја добива својата авторитарна форма
Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нетпрес
„Розите се црвени, лојалноста исто така“. Ако честитките за Свети Валентин беа напишани од ЗНАМ, тие можеби ќе изгледаа некако вака. Најзаводливиот трик на политиката е нејзиното претворање во афективни врски со електоратот и опфаќа широк спектар на емоционални феномени, вклучувајќи љубов, наклонетост, приврзаност и посветеност. Сето ова го видовме на хуманитарен настан организиран од Советот на родители при училиште во Куманово, каде основците самите, по своја волја, изразиле воодушевување од градоначалникот и затоа на цел глас ја пееле песната посветена на лидерот на ЗНАМ, која пак „случајно“ се нашла меѓу песните пуштени на озвучувањето на настанот. Љубовта кон лидерот, па макар и малски, секогаш е спонтана. Како што беше спонтано и полно со еротски набој бакнувањето рака на вистинскиот „Папа“ на транзициската криминална Македонија, како и песните кои во екстазен занес ги идеализираа партиските лидери низ годините на нивното владеење.
Отсекогаш тврдев дека ликот и делото на Тито – создателот на македонската држава, како што милуваат да не’ потсетуваат рециклираните комунисти, никогаш не ја напушти Македонија. Жив е духот на слоганот „и по Тито, Тито“, кој добива перверзно значење во современа Македонија. Низ овој слоган љубовта кон лидерот е трансформирана во должност, интимноста во хиерархија. Љубовта кон лидерот во македонската политиката не е избор, туку обврска, како што видовме во Куманово. Со години сме сведоци на очајни обиди за градење постмодерни култови на личноста од нашите политичари, кои се лоша демоде копија на веќе видените култови на омразените историски диктатори, кои на сличен начин ја користеа пропагандата и инструментите на државата за да се издигнат во статусот над своите партиски колеги и јавноста. Очигледно дека нашиве политичари не престанаа да учат од најмалигните манипулатори во историјата.
Скандалозниот настан во Куманово ни дава увид во начините на кои култовите на личноста се вртат не само околу политичките моќници, туку се и аспект на авторитарните политички култури воопшто. Всушност, Куманово, и култот на личност во обид таму, покажа дека моделираната македонската култура на лидерство не е ништо друго до антропологија на очај. Опасностите од култот на личноста демнат во сенките околу рабовите на секој систем на кој му се сугерира потребата од силен лидер. Македонија не треба да има илузија дека „култот на личноста“ е нешто што треба да се исмева, напротив, треба да се перцепира како алатка за контролирање на затупени и фанатични политички следбеници и необразовани кретени. Колку што култот на личноста е жив и потентен во нашето општество и во нашето време, тој е исто толку корозивен, ирационален и застрашувачки, како што беше во диктатурите од 20 век кои никогаш не ги осудувме. Културата на градење култ на личност од политичарите не ни е наметнато од некој си диктатор, туку доброволно е усвоена од самобендисано, самоуверено политичко малцинство, опседнато со мачо моќници и преплашено од можноста за сопствена слабост.
Култот на личноста отсекогаш играл улога во падот на политичките стандарди. Формирањето на култот на личноста на лидерот во земји каква што е нашата се одвива како практично отелотворување на идејата дека лидерот е нешто повеќе од едноставен водач. По моделот на „Тито – креаторот и обединувачот“, тој персонифицира нација, државност, револуција и напредок. Според тоа, легитимизацијата на моќта на таков политички лидер не се должи на ефикасноста и успехот на неговото владеење, туку на фактот дека самата негова фигура е прогласена за света вредност од неговите следбеници. Канонизираните приказни за извонредните квалитети на лидер од ваков калибар, ритуалните цитати од неговите дела и говори и неговата стандардизирана визуелна слика стануваат симболични врски што сведочат за лојалноста кон лидерот, занемарувајќи ги неговите грешки и оправдувајќи ги на нелогичен начин. Култот на личноста дава предност на харизматичната лојалност пред политиката, еродирајќи го управувањето преку безрезервно давање на емоционална поддршка и љубов на лидерот.
Во Македонија градењето култ на личност ги надминува традиционалните бинарни принципи (десница наспроти левица, конзервативци наспроти либерали, капитализам наспроти социјализам) и наместо тоа бара речиси целосно предавање на населението на претпоставената мудрост на централната политичка фигура. Во таков сервилен однос, лидерот не објаснува ниту оправдува дејствија; туку следбениците се тие што припишуваат значење и мудрост на она што не е кажано. Оваа динамика не само што им обезбедува психолошка утеха на следбениците, туку му дава и на лидерот значителна оперативна ширина.
Куманово е најдобар пример за авторитарен паланечки популизам, кој сака да проектира силно, харизматично лидерство за да ја врати перцепираната изгубена величина на политичар кој не може поинаку да биде стилизиран. Како резултат на тоа, гледаме дека дури и демократски избраните лидери можат да развијат ризична ароганција. Поради ласкавото обожавање, лидерите одовој тип се однесуваат автократски, заборавајќи дека се јавни службеници. Тоа вообичаено се случува кога немаш што многу да испорачаш во политиката. Тогаш стануваш карикатурална верзија на вистинските верзии на култните личности низ историјата. Што би се рекло: и по Тито, Тито – од втора рака – Кумановска верзија.

