ПОТПИШАН ДОГОВОР ЗА ГРАНТ ЗА ЧИФТЕ АМАМ

Mинистерот за култура Асаф Адеми и амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија Џес Бејли, денеска во Чифте амам присуствуваа на потпишувањето на Договор за грант кој го доделува Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД за 2018 година за „ Санација на оштетувањата од влага, заштита од навлегување на атмосферска вода, заштита од УВ-зрачење и оградување на културното добро Чифте амам“ …

„ Со потпишување на Договорот за грант во износ од 91 000 американски долари, продолжуваме со нашите заложби да му обезбедиме долговечност на овој репрезентативен споменик на културата кој е дел од Националната галерија на Македонија и е во функција на мултимедијален изложбен простор“, рече министерот Адеми.

Тој додаде дека грантот за Чифте амам е втор грант доделен на Националната галерија на Македонија од Амбасадата на САД во Република Македонија, по првиот во 2010 година кој беше наменет за реконструкција и изведба на дренажен канал на Даут-пашиниот амам.

Министерот за култура изразувајќи благодарност до амбасадорот Бејли потсети дека заедничката грижа за културното наследство во Република Македонија, со средства од грантовите на Амбасадорскиот фонд за културна заштита на САД, во Република Македонија досега, се потврдува преку реализација на 13 значајни проекти.