Потребна е доследна транспарентност и самокритичност наместо селективен пристап во однос на настаните од 40-те години на минатиот век
Тодор Вангелов
Деновиве наидов на објава на Фејсбук профил на еден македонски политичар со српско потекло, во која се тврди дека Бугарија ја окупирала Македонија во 1941 година. И не се работи само за таа објава — туку поголемиот дел од неговите објави се претежно насочени кон прикажување на царска Бугарија како фашистичка и окупаторска сила на овие простори. Очигледно е дека ваквите ставови се вклопуваат во поширока агенда на антибугарска, но и просрпска реторика.
Просрпската позиција може да се разбере, имајќи го предвид потеклото на авторот. Но, антибугарскиот наратив отвора едно посуштинско прашање — дали зад него стои страв дека Македонците би можеле самостојно да ја преиспитаат и согледаат сопствената историја, без наметнати интерпретации?
Која е потребата од ваков изразен антибугарски наратив?
Ако веќе постои искрена загриженост за историската вистина, тогаш би било коректно и доследно да се отворат и други прашања. На пример: кога започнала српската окупација на Македонија? Каква била улогата на српските окупаторски власти и окупаторската војска и полиција во тој период? И зошто државата се викала Кралство на Срби, Хрвати и Словенци, без да се споменат Македонците?
Овие теми не се без извори. Напротив, постои обемна литература — и домашна и странска — која ги опфаќа овие прашања. Како илустрација може да се наведе делото на францускиот автор Анри Пози „Војната се враќа“ („La Guerre Revient…“, познато и на англиски како „Black Hand over Europe“), во кое детално се опишуваат состојбите во Македонија и Хрватска под српска власт.
Оттука, му предложувам на господинот, наместо селективен пристап, да покаже доследна транспарентност и самокритичност — вклучително и кон историската улога на сопствените предци.
Во однос на Втората светска војна, факт е дека постојат различни толкувања за настаните. Се поставуваат прашања за тоа кој и како организирал отпор, каква била улогата на тогашните политички структури, како и за процесите поврзани со трансформацијата на Покраинскиот Македонски Комитет и Комунистичката партија на Македонија. Познато е и влијанието на фигури како Светозар Вукмановиќ – Темпо, југословенот Лазар Колишевски како и пошироките политички контексти во кои Македонија на крајот била насилно вклучена во рамките на Југославија.
Во тој контекст, не може да се игнорираат сведоштвата за репресии кон оние што се залагале за независна Македонија надвор од југословенската федерација, вклучително и припадници на ВМРО, особено во периодот од 1944 година па сè до 1990-тите. За оваа тема е корисно да се прочита книгата на Стојан Ристески „Судени за Македонија (1945-1985)“, издадена во 1995 година. Во книгата се обработуваат случаи на луѓе обвинети за „непријателска дејност“ или политичко несогласување, главно во контекст на југословенскиот систем по Втората светска војна.
Сето ова укажува дека историјата не треба да се сведува на еднострани наративи. Напротив, потребна е отворена, аргументирана и научно заснована дебата, во која ќе се слушнат различни перспективи.
Затоа, охрабрувањето е упатено до сите — научници, политичари и јавни личности — да пишуваат, истражуваат и дискутираат за овие прашања со чувство на одговорност. Само преку критичко преиспитување и почит кон фактите може да се дојде поблиску до вистината. А токму вистината, колку и да е сложена, е предуслов за вистинско разбирање и напредок.

