ГДУ-ПРОБИШТИП: ОПШТИНАТА НЕПОТРЕБНО ЌЕ ПОТРОШИ 20 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ПАРИ НА ГРАЃАНИТЕ
„Ако гипс- картон е проектот Скопје 2014, тогаш сув бетон е Пробиштип 2020. 20 милиони денари, пари на пробиштипјани, ќе се потрошат на проект, кој ниту е исплатлив сам по себе, ниту ќе донесе бенефит на општината, ниту пак ќе допринесе за задржување на младите во градот.
Спомен паркот сите знаеме дека е реконструиран и обновен од пред само неколку години и е во добра состојба. 20 милиони денари, да се фрлаат во бунар без дно, е само показател дека овде некој свесно ги злоупотребува парите на пробиштипјани.
Еве сетете се сами кога бевме општински советници, заедно со вас се согласувавме и гласавме против ваквите бескорисни и измамнички проекти на тогашната власт. Како воопшто станавте полош и од нив?!
Градоначалниче не смеете и не можете вака да ги трошите милионите на граѓаните, општината не претставува ваша приватна фирма, па да измислувате бескорисни модели за побрзо богатење на таа ваша фирма.
Пробиштип има потреба од решавање на поголеми проблеми од економски, здравствен или образовен карактер. Во овој момент, најлогично е да го повлечете проектот и да подадете рака пред вистинските потреби на граѓаните. Во спротивно, јас ве уверувам дека првиот ден кога ќе започнете со некаква интервенција на паркот, ќе се соочите со сериозни протести од младите пробиштипјани, бидејќи тие најдобро знаат што е минато а што е иднина“, изјави на денешната прес-конференција претседателот на ГДУ-Пробиштип, Стојанче Зафиров.

