|

Повеќе од 550 учесници од девет земји на 11. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“

Нов сегмент на фестивалот е ЕПИК – проект за промоција на мирот преку креативност кај младите, поддржан од Министерство за надворешни работи и со меѓународна соработка на Италија

Повеќе од 550 учесници од девет земји од утре ќе бидат дел од 11. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во Скопје. На добро познатите локации – Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“ – до 10 октомври „џифонци“ ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе учествуваат на креативни работилници. Фестивалот ќе биде отворен утревечер (5 октомври) во 19.30 часот во киното „Милениум“, со прикажување на филмот „Вратената“ (L’Arminuta) во режија на Џузепе Бонито, снимен според истоимениот роман на Донатела ди Пјерантонио. На отворањето ќе се обрати амбасадорот на Италија во Скопје, Андреа Силвестри.

На прес-конференцијата, што се одржа денеска, Дарко Башески, директор на фестивалот, и Деа Крстевска, програмски директор, го споделија задоволството што интересот за фестивалот е сè поголем. Годинава, освен од нашата земја, на фестивалот се очекуваат 40 учесници од: Италија, Србија, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и од Франција.

Петнаесет долгометражни филма во официјална конкуренција поместени во три категории, односно кадети (од 6 до 9 одделение), јуниори (I и II средно) и сениори (III и IV) ќе проследат 35 краткометражни и анимирани филмови.

„Годинава имаме 40-ина учесници од странство. Ние би сакале тој број да биде и поголем и се обидуваме да ги поттикнеме семејствата од Македонија да ги отворат своите домови за децата од странство. Не е секогаш едноставно зашто не секој имал такво искуство. Годинава првпат тоа го правиме и со основците и можам да кажам дека изненадувачки е колку имавме убав одек при повикот. Родителите на основците беа одушевени од можноста и се надевам дека во наредните години ќе можеме тој број и да го удвоиме. Учесници и од далечни земји, како Бразил и Индија, сакаат да дојдат кај нас, слушнале за ‘Џифони Македонија’, имаме многу побарувања од странски фестивали да дојдат кај нас, но првин мораме да имаме доволно семејства. Ова нека биде и апел за семејствата, кои годинава се двоумеле, но в година да се осмелат и да примат дете во својот дом“, истакна Крстевска.

Ние сакаме да пречекаме што е можно повеќе учесници, меѓутоа и киносалите ни се со ограничен капацитет, истакна Башески.

„Како здружение, повремено организираме и други проекти. ‘Џифони патува’ веќе помина 25 општини, а за жал, годинава тој проект не беше поддржан. Имавме уште една активност што ја почнавме минатата година, ‘Џифони филмски денови’, со идеја да ги вратиме децата во киносалите по паузата за време на пандемијата. Одржавме 10 такви настани. Сакам да напоменам дека сите активности што ги организира нашето здружение се комплетно бесплатни за сите млади. Сите се добредојдени да уживаат“, истакна Башески.

Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе може да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерката Дина Дума (кај сениорите), рускиот режисер Олег Асадулин (кај јуниорите) и српската актерка Миона Илов (кај кадетите). Ќе бидат реализирани девет работилници – 3 за јуниори и 6 за кадети и сениори.

Програмата на фестивалот годинава е збогатена со нов сегмент наречен ЕПИК (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity). Станува збор за проектот за промоција на мирот преку креативност кај младите (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity), поддржан од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка во рамките на програмата, која има цел да придонесе за стабилизацијата во регионот и за поддршка на процесите за пристап кон ЕУ.

ЕПИК предвидува серија активности, особено во рамките на 11. издание на „Џифони Македонија“, насочени кон промовирање на мирот, европските вредности и човековите права, преку филм, уметност и култура и активно вклучување на младите во создавањето филмски и уметнички остварувања, кои имаат моќ да пренесат пораки за мир наменети за младата публика.

Во рамките на ЕПИК ќе бидат прикажани 17 краткометражни филма, кои ќе се натпреваруваат за три награди. Ќе бидат организирани две панел-дискусии на тема ЕПИК со претставници од филмски фестивали за деца од регионот, а в понеделник ќе биде прикажан и грчко-италијанскиот документарен филм „Учениците од Умберто Примо“.

Дел од програмата ќе бидат и две презентации на нови кратки филмови од млади автори од Македонија, „Метаморфозис“ ќе одржи презентација на тема медиумска писменост, а ќе се реализира и средба со основачите на брендот Filmthusiast. Крстевска истакна дека како фестивал, „Џифони Македонија“ индиректно им помага на младите да дознаат со какви сè професии може да се занимаваат преку успешни примери од луѓе што се осмелиле да го следат својот сон.

„Сакаме да им покажеме на децата што се во публика дека нема невозможни професии, дека сè што ги интересира, необична работа што ним им претставува задоволство, може да им стане професија. Дека во креативната индустрија има милион работи со кои може да се занимаваат. На пример, сите тие луѓе што работат на филмовите, чии имиња ги гледаме на завршните кајрони на филмовите, тоа се сè убави професии иако можеби на родителите не им изгледаат како посакувана иднина за нивното дете. Честопати имаме примери на деца што велат: моите родители сакаат да студирам право, а јас сакам филм. На Џ’ифони’ дознаваат дека тоа е возможно“.

Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во киното „Милениум“ кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории, а ќе бидат доделени и наградите од конкурсот ЕПИК. Ќе бидат прикажани творбите и сценските изведби подготвени од учесниците на креативните работилници.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: „Џифони експириенс“, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и со меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотеката на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје и многубројни институционални и приватни поддржувачи.



Слични Објави