ПОВИК ДО МИЦКО ВОЈВОДА

Претседателот Пендаровски изгледа го послушал Андреј Ковачев… Според претседателот на Републиката, Гоце Делчев бил бугарин кој се борел за самостојна Македонија.

Вчера европратеникот од EPP и ГЕРБ, Ковачев, во емисијата „Лице во лице“ на бугарската BTV, ги смируваше македонските политичари дека нема да им стане ништо, ако признаат дека Гоце Делчев е бугарин….

Денеска, мојата скромна маленкост го повикува лидерот на опозицијата и најголемата „десничарска“ партија во Македонија, Христијан Мицкоски, да преземе нешто. Оти сега го делиме Гоце, а утре, како ништо можат да ни го чепнат Бизим Јане и тогаш веќе ни јас нема да знам кој пат да го фатиме.

Г-не Мицкоски, ќе бидам краток. Ве молам на следната Ваша средба со г-нот Ковачев, наместо да се жалите од Заев, потегнете му ги ушите на Вашиот колега од Европската народна партија и објаснете му дека Гоце не е бугарин, туку е бугарин со изразен македонски политички идентитет, како што вели проф. д-р Драги Ѓорѓиев од Мешовитата комисија за историја на Македонија и Бугарија. Можете да му ја испеете и „Излези момче право на тераса“ за поголем ефект и секако да му раскажете за македонскиот карактер на Гоцевата раса.

Г-не Мицкоски, ве молам, направете нешто, Стево почна, ако продолжи и Заев, бугарско ни се пишува…

Уценете го со нешто г-нот Ковачев, онака со шепотење додека се местите за слика низ салите во Брисел. Кажете му дека нема да го поканите да присуствува на вашиот победнички митинг, што најверојатно ќе го одржите по следните парламентарни избори. Направете нешто, измачениот македонски народ ве повикува вие сте нашиот спас. Немојте да му се плашите на Ковачев, тој е центар десно, а Вие сте строго десно, јунак македонски и војвода… Мицко војвода.

PS: Момчето што гледа паметно, додека се „кипри“ до Ковачев и Мицкоски се вика Тимчо Муцунски.

Автор: Атанас Величков