ПРАВДА ЗА НЕНАЈАДЕНИТЕ, НЕНАШМРКАНИ И НЕИЗНАЕБАНИ ДЕЦА
За отказот на Сенко ради „белото“ дознавме преку фејсбук. Кметот Петре побрза да се покаже како експедитивен градоначалник. Го фатиле, еби му матер, за памет на другите директорчиња, на кои ете сега им паднало да шмркнат малце од тоа убавото и да погалат по некое убаво колено додека се распослани по тоа сепарињата.
Правда за тие ненајадени, ненашмркани и неизнаебани деца. Младоста си ја фрлија по партиските штабови за да можат еден ден како луѓе да седнат некаде да нарачат убава пијачка да покажат малце курч и што… одма на тапет. Одма отказ, па на што личи тоа? Друга разврска освен отказот да очекуваме ли? Морална одговорност? Судска завршница? Гледај го сеирот беее го фатиле Сенко со бело, пошо не ни се потрудил да го сокрие како што треба или пак го наместиле… Тоа е, наместен е, пошо нели не е само он што шмрка, шмркаат сите ама не признаваат.
Кога веќе ја спомнав младоста, нема како да не напишам реченица две и за паркот на младите кој се гради во Македонска Каменица. Од краток но полн со оптимизам прилог на регионалната тв куќа „Стар“ од Штип дознаваме дека до моментот е завршената изградбата на хоризонталната основна подлога, а се почнати и подготовките за изведба на останатите градежни работи кои предвидуваат изградба на неколку „скирол” рампи. Сосема одделно прашање се разбира е, кои млади ќе можат да уживаат во новата придобивка? Најверојатно тие кои во лето ќе се враќаат во родното место за да одморат од напорниот труд во туѓина или пак за да ја направат најголемата грешка во својот живот, а имено да се оженат/омажат.
Младите за кои општината во Македонска Каменица го гради овој парк се евакуираа од Македонија не заради тоа што „белото“ е скапа роба, тие си заминаа затоа што „белото“ е резервирано само за неизживеани директорчиња, кои како што веќе спомнав својата младост ја потрошиле во очадените од цигари партиски штабови на партиите кои веќе 30 години ги враќаат истите тие млади кои конечно нашле место каде што нивниот труд има смисла и достојна плата. Нивниот труд може да се види преку новите прозори на нивните куќи и секако освежените фасади.
Тие млади ќе се вратат назад за да ги изживеат мирно своите пензионерски денови. Немаат ни време ни нерви да чекаат кога конечно ќе се најде газдата на дивоградбата кај „Мавровка“ или пак фирмата која ќе се нафати да ја сруши од трет пат-трета среќа. Нема да устискаат да дочекаат и дали антикорупциска ќе го заврши предметот за „видовитата“ министерка за финансии Нина Ангеловска, која таман на време си ги повлече парите од „Еуростандард“ за да си купи стан.
Единствената надеж за нас будалите, што останавме во Македонија, останува СДСМ и ДУИ навистина да стават на позиции, вредни, чесни и компетентни луѓе кои нема да дуваат трава, а не па да шмркаат кокаин.
PS: Ви текнува на средбите на децата-бегалци од Егејска? Такви средби со 70-80 годишни деца ќе прават нашите потомци со децата од Истокот, за кои денеска се градат паркови со „скирол“ рампи.
Автор: Атанас Величков