Пожарите во Јамбол и Сливен се ставени под контрола, жителите на село Плоски се враќаат во домовите
Пожарите што избувнаа во околината на бугарските градови Јамбол и Сливен се ставени под контрола, а моменталните временски услови им овозможуваат на спасувачките екипи побезбедно да интервенираат на теренот, јавува БГНЕС. Во реонот кај Струмјани паѓа обилен дожд, што дополнително придонесува за намалување на огнената стихија и задимувањето, информира заменик-министерот за внатрешни работи на Бугарија, Тони Тодоров, по состанокот на Оперативниот штаб при МВР.
„Колегите ја користат можноста што ја нуди дождот – да влезат на терен, да извршат увид и, доколку има потреба, да гаснат на земја“, изјави Тодоров.
Хеликоптерите и авионите за гасење на пожарите се подготвени за делување, но во моментов метеоролошките услови не дозволуваат нивно полетување. Сепак, тие вчера одиграа клучна улога во справувањето со пожарите.
Оперативниот штаб донесе одлука за укинување на евакуацијата на жителите од селото Плоски. Луѓето почнуваат да се враќаат во своите домови. Вчера беше овозможено дел од жителите да влегуваат на смени за да ги нахранат домашните животни. Во моментов нема потреба од евакуација на населението, иако постои подготвеност за брза евакуација во соседното село Лилјаново, доколку ситуацијата се влоши, соопштуваат од МВР.
Во моментов нема други пожари што претставуваат сериозна закана за населени места и за граѓаните. Дождот значително го намалува интензитетот на пламените јазици и задимувањето, додадоа од Министерството.

