| | |

На 31 јули 1997 година е прифатен новиот државен грб на Бугарија 

На денешен ден, 31 јули 1997 година, бугарскиот парламент го усвои Законот за државниот грб на Република Бугарија — прв официјален грб на земјата по падот на социјалистичкиот режим во 1989 година, пишува БГНЕС.

Според законот, грбот претставува златен крунисан лав исправен на темноцрвено поле со облик на штит. Над штитот се наоѓа голема круна инспирирана од круните на бугарските владетели од Втората бугарска држава. Штитот го поддржуваат два златни крунисани исправени лава, поставени лево и десно, стоејќи на крстосани дабови гранки со желади. Под штитот, на бела лента со триколорна рамка, е испишана државната девиза: „Съединението прави силата“ (Единството ја прави силата).

Лавот и круната се длабоко вкоренети во бугарската хералдика. Историчари и хералдичари укажуваат дека слични симболи постоеле уште во времето на Второто бугарско царство, особено во монети и печати. Еден од најпознатите е Шишмановиот грб, кој го задржува лавот како симбол на царската власт и независност.

Во 1741 година, познатиот Христофор Жефарович го објавува својот труд „Стематографија“, на чија корица се наоѓа крунисан лав — симбол кој подоцна се појавува и на знамињата на бугарските востаници, вклучувајќи ја четата на Филип Тотју и печатот на Васил Левски.

По ослободувањето од Отоманското царство во 1878 година, бугарските власти во 1880 година го усвојуваат првиот официјален државен грб на Кнежевството Бугарија. Со промената на државниот систем во 1946 година и воспоставувањето на Народна Република Бугарија, монархистичкиот грб бил заменет со нова социјалистички амблем со зaбчати тркала, житни класја, црвена петокрака и лав во кружен дизајн.

По промените во 1989 година и падот на социјализмот, повторно се поставува прашањето за враќање на традиционалниот државен симбол. Конечно, во 1997 година, Бугарија го добива својот денешен грб — симбол на државноста, традицијата и националното единство.



Слични Објави