| |

Познатата бугарска авторка Капка Касабова гостува во Скопје со книжевна вечер во книжарница „Буква“

Кафе-книжарницата „Буква“ на 20 август ќе организира книжевна вечер со познатата авторка од Бугарија Капка Касабова, најистакната по својата документаристичко-патеписна проза. Разговорот со неа ќе го водат Ана Витанова Рингачева и Александар Маџаровски, а ќе учествува и преведувачот на нејзините книги Бранислав Мирчевски. Темата ќе биде „балканската тетралогија“ на Касабова, со акцент на „Кон езерото“ и „Граница“, објавени во издание на „Или-Или“.

Во „Кон езерото: Балканско патување на војната и мирот“ авторката зборува за својата врска со Охридското езеро и за личната и историската меморија:

„Има места кои се кодирани во нашите гени… За да се вратиш таму каде живееле твоите претци, треба да си спремен да го видиш она, што е полесно да го откажеш… самите ние можеме да се претвориме во неволни проводници на пропаста, ако не се согласиме како да се однесуваме со своето наследство.“

„Граница: Патување до работ на Европа“ ја раскажува приказната за луѓето од последната граница меѓу Бугарија, Грција и Турција:

„Таму завршив и јас… Со самото тоа што си таму, ја добиваш поканата. Ајде, шепне таа, премини преку линијата… Преминувањето на линијата, дење или под закрилата на ноќта, е страв и надеж истовремено.“

Капка Касабова е повеќежанровска писателка со дела како „Улица без име“ (2008), „Дванаесет минути љубов“ (2013), како и книгите од балканската тетралогија „Граница“ (2017), „Кон езерото“ (2020), „Еликсир“ (2023) и „Анима“ (2024). Родена во Софија во 1973 година, на 18 години се преселила во Нов Зеланд, а од 2005 година живее во Шкотска.

Слични Објави