| | |

(Видео) Ќустендил ја одбележа Голема Богородица како официјален духовен празник на градот

Празникот Голема Богородица – беше прогласен за официјален духовен празник на Ќустендил, јавува Пиринско. Градоначалникот инж. Огњан Атанасов изјави дека се надева оваа иницијатива да биде пример и за други општини, сè додека празникот не стане официјален за цела Бугарија.

Свеченостите се одржаа на плоштад „Велб’жд“, каде што оживеа автентична ќустендилска везилка, изработена од децата – симбол на верата, традицијата и надежта. Неговото Блаженство, Софискиот митрополит и Бугарски патријарх Даниил, одслужи молебен за здравје и благосостојба на жителите и гостите, упатувајќи честитки за празникот. Во знак на признателност, градоначалникот му подари двотомно издание „Историја на Кюстендил“, кое ја опфаќа 2000-годишната историја на градот.

Меѓу присутните беа и Величкиот епископ Исаак, Кумановско-Осоговскиот митрополит Григориј, митрополитот Јосиф од Северна Македонија, министерот за туризам Мирослав Боршош, како и претставници на локалната власт. Министерот Боршош истакна дека силата на овој празник е во тоа што обединува традиции, паметење и младите генерации.

Денот продолжи со благословување и кршење на богородичниот леб, подготвен во селото Нови Чифлик, кој беше споделен со верниците и гостите. Во центарот на градот беше отворена изложба на обредни лебови од локалните културни домови, а уметничкиот перформанс „Од везот до лебот“ ја прикажа врската меѓу шаренилото на ќустендилската везилка и мирисот на топлиот леб.

Кулминацијата беше најголемата везилка во Бугарија – 1.200 квадратни метри, изработена од децата на Ќустендил, под која играа жетвари. Настанот беше збогатен со настапи на детскиот црковен хор „Свети Серафим Софиски“, фолклорни групи и музички формации.

Свеченостите беа дел од 19-тото издание на културниот форум „Панагија – Воздигнување на лебот“, организиран од Општина Кюстендил, во соработка со Архиерејското намесништво и со поддршка на Софиската митрополија и Министерството за култура.

Слични Објави