Собранието по скратена постапка ќе ги донесе измените на Изборниот законик
Собранието денеска одлучи по скратена постапка да се донесат измените и дополнувањата на Изборниот законик, со кои се регулира учеството на независните кандидати на претстојните локални избори. Наместо досегашниот праг од 1%, ќе биде потребно да се соберат најмалку 0,95% потписи од запишаните избирачи во изборната единица, кога листата ја поднесува група избирачи.
За изборните единици за гласање во странство, ќе се бараат најмалку 1.000 потписи од запишаните избирачи, собрани пред службени лица на ДКП или конзуларните канцеларии, на образец пропишан од ДИК.
Откако беше утврден дневниот ред, претседателот на Собранието Африм Гаши ги задолжи матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија да ги разгледаат измените, по што ќе следи гласање на пленарна седница.
Предлагачи на измените се Никола Мицевски (ВМРО-ДПМНЕ), Бобан Карапејовски (ЗНАМ) и Саранда Имери Сафаи (ВЛЕН). За донесување по скратена постапка гласаа 65 пратеници, 17 беа против. СДСМ ја поддржа постапката, додека Европскиот фронт и други албански опозициски партии гласаа против.
„Со ова решение се обидуваме да ја пополниме оваа правна празнина… за да бидат фер и еднакви условите во секоја општина подеднакво… Ова е обид за појасни фер и транспарентни изборни правила… ова е времено решение за овие избори“, изјави Мицевски, најавувајќи дека конечниот законик ќе се изработи со вклучување на Министерството за правда, политичките партии, невладини организации и експерти.
Измените предвидуваат и дефинирање на интернет порталите според Законот за медиуми, со регулирање на нивната регистрација за платено и политичко рекламирање. „Бидејќи процесот за донесување апликации до ДИК е почнат… ќе интервенираме и со амандман… од 11-ти 2026 година“, рече Мицевски, додавајќи дека тоа ќе обезбеди еднакви услови за сите електронски медиуми.
Законот се усогласува и со Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Претходно, ДИК стави вон сила упатство од 2024 година за собирање потписи и определување на нотарите, по одлука на Уставниот суд со која се укинаа членовите 61 и 62 од Изборниот законик, каде беше предвиден бројот/процентот на потписи за група избирачи.

