| |

Над седум милиони туристи ја посетиле Бугарија од јануари до септември

Повеќе од седум милиони туристи ја посетиле Бугарија од јануари до септември, изјави заменик-министерката за туризам Мариела Модева на отворањето на Меѓународниот саем „Културен туризам“ во Велико Трново, пренесува Пиринско.

Од мај до септември во земјата биле регистрирани 5,7 милиони туристи, од кои над 3,5 милиони биле странски посетители.

Според Модева, Бугарија има потенцијал да се развива како целогодишна туристичка дестинација, при што фокусот треба да биде не само на зголемување на бројот на туристите, туку и на подобрување на квалитетот на туристичката понуда.

Во 21 општина е забележан раст од околу еден процент на посетите поврзани со културно-историски туризам. На европско ниво, околу 14 отсто од туристите патуваат поради културно-историски содржини, а ист процент покажуваат интерес за градски туризам. Околу четири отсто се заинтересирани за вински и гастрономски туризам.

Модева посочи дека повеќе од 7,9 милиони луѓе ги посетиле музеите во Бугарија. Земјата располага со околу 40.000 недвижни културни добра и, според неа, е на трето место во Европа по нивниот број, по Италија и Грција.

Како клучни фактори за понатамошен развој на туризмот таа ги наведе подобрата поврзаност и достапност, создавањето нови туристички производи и поефикасниот маркетинг на целните пазари.



Слични Објави