| |

Познати се седуммината кандидати, кои ќе се борат за градоначалничкото место во Софија на претстојните локални избори во Бугарија

Познати се сите 7 кандидати за нов градоначалник на бугарскиот главен град Софија на претстојните локални избори, што треба да се одржат на 29 октомври. За градоначалничката фотелја ќе се борат 6 кандидати на политички партии и еден независен кандидат.

Од партијата ГЕРБ како кандидат за градоначалник е именуван поранешниот бугарски новинар Антон Хекимјан. Тој до пред неколку дена беше директор на одделот „Вести и актуелни емисии“ на бугарската телевизија БТВ.

Бугарската социјалистичка партија на изборите за градоначалник ќе се јави со активистката за работнички права Ванја Григорова. Коалицијата „Продолжуваме со промената“- „Демократска Бугарија“ го издигна како свој кандидат бугарскиот стопанственик Васил Терзиев. Изборот на овој кандидат од страна на владејачката коалиција предизвика бројни коментари во бугарската јавност бидејќи Терзиев потекнува од семејство тесно поврзано со озлогласената репресивна комунистичка Државна безбедност.

Како негова алтернатива е издигната кандидатурата на проф. д-р Вили Лилков, кој ќе влезе во трката како независен кандидат подржан од иницијативен комитет, составен од познати личности антикомунисти. Проф. д-р Лилков потекнува од антикомунистички род, членови на неговото семејство се репресирани за време на комунистичкиот режим во Бугарија.

Партиите „Преродба“, ВМРО-БНД и „Има таков народ“ ги издигнаа како свои кандидати соодветно економистот Дејан Николов, општинскиот советник во Софија Карлос Контрера и поетот Ивајло В’лчев.

Слични Објави