Прашањето за довербата треба да му биде поставено на Мицкоски
Атанас Величков
Прашањето за тоа како да се изгради доверба со земја, која не го признава македонскиот идентитет и јазик, на една национална телевизија, го „украде шоуто“ од еврокомесарката за проширување Марта Кос на нејзината заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата на Република Северна Македонија.
Кос дојде во Скопје со јасни пораки – нема како преговорниот процес за влез во ЕУ да започне без уставните измени и подвлече дека никој не може да ѝ даде гаранции на земјата дека во текот на преговорите нема да се појават нови спорови или прашања што треба да се решаваат. Една од пораките, а имено таа за гаранциите и нивната небулозност, кога станува збор за долг пат, исполнет со проблеми за решавање и реформи за спроведување, конечно беше обелоденета и пред целата јавност во Северна Македонија. Не веруваме дека, би било шпекулација, ако речеме, дека тоа им било познато на премиерот Мицкоски и шефот на дипломатијата Муцунски многу порано.
Одговорот на Кос за тоа како се гради довербата исто така беше повеќе од јасен. Колку и тоа да не им се допаѓа на одредени структури, кои сакаат да ги претстават работите, на некаков симплифициран начин, во чие сценарио „Лошиот волк“ (Бугарија) сака да ги изеде Бабата и Црвенкапа (македонските јазик и идентитет).
Така напишана таа „приказна“ не може да остане безвременска, како што останале најпознатите запишани нејзини варијации од страна на Шарл Перо и браќата Грим. Приказните што лесно се „варат“, најчесто ја имаат тежината на булевардни романи. Немаат поука во себе и ако некој реши да ги стави на хартија, би направил голем грев кон природата, дури и хартијата на која што се напишани да е рециклирана.
Ботовските фарми и „блажените“ што им веруваат или пак им се восхитуваат имат потреба од „ударни преџвакувања“ на сложени равенки од европски тип. Нема простор, а најверојатно и публика за нешто подлабинско од тоа „ние би граделе доверба, ама ништо не ни признаваат“. Токму затоа невидливата рака на „популарноста“ си одбира само еден дел од пораките и ги прави „вирални“. Тоа се разбира, не се однесува само на публиката во нашата земја, станува збор за пандемија.
Кој, како и зошто би градел доверба со Софија…?
Прекрасно си функционираме и сега. Токму тука е кардиналната грешка што ја прави целата македонска јавност, но не по своја вина. Таа ја нема сета информација, со која разполага власта. Довербата што треба да ја изгради нашата земја не е важна само на релацијата Скопје-Софија, туку таа важи за сите држави-членки на Унијата. Тоа Кос јасно го порача на вчерашнаа прес-конференција во владата. Ваквата порака им стави крај и на сите евтини манипулации дека Бугарија е некаков недоволно интегриран дел од ЕУ, врз кој некои нови Тито или Сталин можат да наметнат процеси слични на оние од времето на културната автономија во Пиринско, и предавањето на посмртните останки на Гоце Делчев.
Такви катаклизми не се на повидок. А за довербата и тоа како истата треба да се изгради кон целата ЕУ одговорот го должи Мицкоски, а не Кос. Мицкоски е инженерот во приказната, а и во реалниот живот, а инженерите имаат вештина за решавање на сложени задачи.

