| |

Празникот на бугарскиот јазик беше одбележан и во романскиот парламент

Бугарски говор одекна на 26 мај во романскиот парламент. Од говорницата пратеникот на бугарското малцинство Георги Наков ги поздрави своите колеги и амбасадорот на Бугарија во Романија Радко Влајков по повод 24 Мај – Денот на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, просвета и култура и на словенската писменост и Денот на бугарскиот јазик во Романија, пренесува БНР.

„Неодамна дадов интервју во кое ме прашаа за правата на националните малцинства во Романија. Мојот одговор започна со фактот дека во Романија јазиците на националните малцинства имаат официјални празници, утврдени со закон. Колку други држави можат да се пофалат со таков систем за заштита на националните малцинства?“, праша Георги Наков, кој е и почесен конзул на Бугарија во Темишвар и претседател на Сојузот на банатските Бугари во Романија.

Во својот говор тој потсети дека токму во Винга, во романската жупанија Арад, е прифатена првата литературна норма на бугарскиот јазик.

„Затоа банатските Бугари се чувствуваме најбогати од оваа гледна точка, бидејќи користиме и латиница за нашиот дијалект и кирилица за литературниот бугарски јазик“, истакна Георги Наков.

„Во текот на историјата Романија и Романците постојано играле важна улога за сè што значи да се биде Бугарин. Романија била најсигурното прибежиште и местото од кое се развила бугарската револуција. Место што денес го нарекуваме втор дом“ – со овие зборови го заврши својот емотивен говор Георги Наков, цитиран од БТА.

Слични Објави