| |

ПРЕДЛОГ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА СТУДЕНТИТЕ ПОГОДЕНИ ОД КОРОНА-КРИЗАТА

Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ бара отварање на консултативни разговори во врска со носење на економски мерки за финансиска поддршка на студентите кои се погодени од кризата.

„Студентите како ранлива категорија најчесто се финансиираат од приходите на своето семејство, а овие приходи се значајно намалени од почетокот на кризата. Дополнително, студентите кои своето студирање го финансираат самостојно, исто така, се сериозно погодени, имајќи го предвид фактот дека голем дел од нив работат хонорарно и привремено, па не се опфатени со досегашните економски мерки. Сето ова доведува до голема финансиска несигурност кај студентите и нивните семејства загрозувајќи го продолжувањето на образовниот процес“, објаснуваат од Универзитетското студентско собрание.

Поради ова, од таму бараат формирање на консултативно тело за преземање на економски мерки за финансиска поддршка на студентите.

„Целта на консултативната група ќе биде да предложи краткорочни и долгорочни мерки за финансиска поддршка за студентите и нивните семејства кои се погодени од моменталната криза. Семејствата во кои има студенти, имаат поголеми месечни трошоци од останатите, па затоа сметаме дека потребни се дополнителни мерки кои би ја олесниле финансиската ситуација“, се вели во соопштението на Универзитетското студентско собрание.

Според предлогот, во ова тело треба да учествуваат Универзитетските студентски собранија на сите универзитети во државата, младинските организации, Агенција за млади и спорт, Министерство за образование и наука, Министерство за финансии, Владата и партиските подмладоци.

Извор: Макфакс



Слични Објави