ПРЕКУ ПОИНТЕНЗИВЕН БИЛАТЕРАЛЕН ДИЈАЛОГ ДО ПОСИЛЕН ЕКОНОМСКИ ВРСКИ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И СЛОВЕНИЈА

Вести Истакнато

Љубљана, 10.05.2018 Вчера и денеска главниот град на Словенија беше домаќин на 11. Седница на Мешовитaта комисија по Спогодбата за стопанска соработка помеѓу Република Македонија и Република Словенија. Македонската страна ја предводеше државниот секретар во Министерство за економија г-дин Зоран Павловски, а словенечката беше предводена од државниот секретар во Министерство за надворешни работи на Република Словенија, г-дин Изток Мирошич,

Целта на Мешовитата комисија е развивање и унапредување на вкупните билатерални економски односи меѓу двете земји во повеќе економски области, како и развивање на можности, изнаоѓање на решенија и иницирање на предлози за подобрување на условите за економската соработка.
Во своето воведно излагање државниот секретар Зоран Павловски, во име на Владата на Република Македонија, се заблагодари на словенечкиот колега за силната поддршка што Република Словенија ѝ ја дава на Република Македонија во процесот на европска интеграција, како и во продлабочувањето на економската соработка на регионално и мултилатерално ниво. Континуираната поддршка од Република Словенија се манифестира и на состаноците на ЕУ и НАТО. Како што напомена Павловски, билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Словенија во континуитет се пријателски и без отворени прашања, базирани на традиционално пријателство и долгогодишна конструктивна соработка. Во последниот период, како што беше истакнато, се бележи динамизирање на политичкиот дијалог, евидентен позитивен тренд во развојот на билатералните односи и реализација на бројни средби на високо ниво.

Двајцата претседавачи разменија економски податоци за двете земји, при што забележано е зголемување на словенечките инвестиции во Република Македонија, кои се позиционирани на петтото место, со вкупно кумулативни изнвестиции од 376 милиони евра или околу 8,1% од вкупниот прилив на СДИ во земјата, и тоа во банкарскиот сектор, осигурителните компании, кондиторските капацитети, недвижностите, лековите, услужниот и енергетскиот сектор. Досега се регистрирани 415 словенечки вложувања во Република Македонија.

Во последните 5 години регистрирани се македонски инвестиции во Република Словенија, кои кумулативно изнесуваат над 18 милиони евра. Само во 2017 година инвестицискиот износ е 8,3 милиони евра.
Во однос на трговијата, Република Македонија најмногу тргува со земјите на ЕУ (околу 80%), при што Словенија го зазема 10. место во рамките на ЕУ, додека пак, е на 15. место во вкупната размена на Република Македонија со светот во 2017 година. Вкупната билатерална трговија е 206,3 милиони евра и остварен е раст од 15.4%, од кои 206 милиони евра е увоз од Словенија и остварен раст од 10.9%, а македонскиот извоз е 67,2 милиони евра и остварен е раст од 12.7%.

Треба заедно да работиме на развој на посилни економски врски и промовирање на трговијата и инвестициите, преку поинтензивен билатералниот дијалог за економски прашања, особено во контекст на ЕУ, за да можеме значајно да ги подобриме бројките – заклучија двајцата копретседавачи.

Од особена важност е да се поддржи соработката во потенцијалните сектори, како што се: енергетика, транспорт и транспортна инфраструктура, земјоделство, индустрија и интернационализација, животна средина, туризам, дигитална економија и др, за кои детално се разговараше на експертско ниво на маргините на 11. Седница на Мешовитата комисија. Експертите разменија предлози и идеи и се договорија за активности и проекти во наведените сектори за нивна взаемна поддршка, за кои ќе се подготви заеднички Акциски план и ќе се следи нивната реализација до одржување на следната 12. Седница на Мешовитата комисија во Скопје, следната година.