ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ И ВЛАДИНАТА ДЕЛЕГАЦИЈА ГО ЗАПОЧНАА УЧЕСТВОТО НА САМИТОТ ЕУ-ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ЛОНДОН: РАЗГОВОРИТЕ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН СЕ РАЗГОВОРИ ЗА ИДНИНАТА НА ЕВРОПА

//

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и владина делегација во состав Бујар Османи, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и Никола Димитров, министер за надворешни работи, денеска ги започнаа активностите на учеството на централниот дел од Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес), што се одржува во Лондон.

Прогрaмата на Самитот ЕУ-Западен Балкан започна со приемот организиран од премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Тереза Меј за шефовите на делегациите на земјите членки Берлинскиот процес и на земјите членки на ЕУ присутни на самитот, како и за претставниците на Европската Комисија. Премиерот Заев присуствуваше и на работниот ручек за шефовите на делегациите и на директорите на Европската инвестициона банка, на Европската банка за обнова и развој, на претставниците на Регионалниот совет за соработка на земјите од Западен Балкан, како и на претставниците на Регионалната канцеларија за соработка меѓу младите (РИКО).

На работната сесија на ручекот, посветена на економијата и на регионалната соработка, со воведно излагање се обрати еврокомесарот за соседска политика и за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

Лидерите на Европската Унија и на Западен Балкан ја потврдија заложбата за зајакнување на регионалната соработка, за подем на економијата и за раст на трговската размена меѓу земјите во регионот. Заедно со напредокот во агендата за дигитализација на поврзувањето меѓу земјите и народите во областите со најмногу потенцијал, се очекува во скора иднина напредок во мобилноста, односно во движење на работна сила.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев потоа беше поканет да се обрати на панелот на тема „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, на која претседаваше британската премиерка Тереза Меј.



Премиерот Заев на Самитот ќе учествува и во работата на пленарната сесија водена од британската премиерка Тереза Меј, на која ќе бидат презентирани плановите за Самитот во Варшава во 2019 година.

На оваа пленарна сесија пред присутните ќе се обратат полскиот премиер Матеуш Моравјецки, Канцеларката на СР Германија Ангела Меркел и еврокомесарот Јоханес Хан, на темата „Иднината на Берлинскиот процес“.

Официјалната програма на Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес), што овој пат се одржува во Лондон, завршува вечерва со прием за сите делегации во палатата Сејнт Џејмс, кој ќе го приреди принцот Чарлс.

Претходна статија

ГАЛЕРИЈА: СЕ ВИКАМ ЏУЛИЈА РОБЕРТС И РАЗНЕСУВАМ ПИЦА

Следна статија

МИНИСТЕРОТ ПОПОВСКИ ПОВИКА ДА НЕ СЕ ПОЛИТИЗИРА СМРТТА НА МЛАДИОТ САЗДОВСКИ

Најново од Вести