Пресудата за онкологот Мери Пешевска во случајот „Онкологија“ ќе биде објавена на 22 септември
Основниот кривичен суд Скопје ќе ја соопшти пресудата за онкологот Мери Пешевска, обвинета во случајот „Онкологија“, на 22 септември. Таа призна вина за несовесно лекување, за што е предвидена казна затвор до три години.
Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска рече дека Пешевска покажала искрено каење и примерно поведение, но дека постојат и отежнителни околности – кај седум пациенти било нарушено здравјето, а злоупотребата со факсимил се случувала во континуитет.
Одбраната, предводена од адвокатот Влатко Китановски, тврди дека Пешевска не е криминалец, туку докторка со долгогодишен труд, без поплаки во работата и со исклучиво цел да им помогне на пациентите. Доставени се докази за нејзината професионална и семејна состојба, како и признание дека лозинката и печатот ги оставала достапни од небрежност.
Пешевска нагласи дека цел живот го посветила на пациентите и дека ја прифаќа вината за тоа што нејзините податоци биле злоупотребени.
Покрај неа, обвинети се и поранешниот директор Никола Васев и уште двајца онколози, кои ја негираат вината. Обвинението ги товари за несоодветни терапии кај 29 пациенти. Васев и поранешниот економски директор се соочуваат и со друго обвинение за проневера и злоупотреба на службена положба со штета од над 2,2 милијарди денари.

