Претседателката на бугарскиот парламент Назарјан и шефицата на бугарската дипломатија Нејнски оддадоа почит пред жртвите на масакрот во Буча
Претседателката на бугарскиот парламент Раја Назарјан и министерката за надворешни работи на Бугарија Надежда Неински, заедно со учесниците на втората парламентарна средба на врвот, оддадоа почит пред жртвите од масакрот во Буча, Украина. Делегациите присуствуваа на комеморативна церемонија во црквата „Свети Андреј“.
„Нема човек кој може да остане рамнодушен кон настаните што се случија во Буча. Тие ја шокираа светската јавност со својата бруталност и со целосното непочитување на хуманите норми“, изјави Назарјан. Таа нагласи дека убиствата на стотици невини цивили нема да бидат заборавени и дека ќе се инсистира на воспоставување меѓународни механизми за одговорност на сторителите.
„Во Буча гледаме што остава Путин зад себе: убиства, урнатини и ѕверства“, порача шефицата на бугарската дипломатија Нејнски.
Настанот беше дел од програмата на неформалниот совет на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија, чиј домаќин беше Украина. Во втората парламентарна средба на врвот, организирана од Врховната рада на Украина, учествуваат претседатели и претставници на национални парламенти од земјите членки на ЕУ, Молдавија, Обединетото Кралство, како и претставници на Европскиот парламент, Парламентарната асамблеја на НАТО и Парламентарната асамблеја на ОБСЕ.
Бугарија изрази солидарност со Украина и сочувство кон семејствата на жртвите.
