Претседателката на Косово Османи ќе ги повика партиите на консултации по неуспешниот обид за формирање влада
Претседателката на Косово Вјоса Османи ќе ги повика политичките партии на консултации во рамките на уставниот рок, откако вчера парламентот го одби предлогот за нова влада на вршителот на должност премиер Албин Курти, јави РТК.
„Претседателката Османи ќе ги повика партиите на консултации во секој случај во рамките на уставниот рок и во согласност со нејзините надлежности“, изјави нејзиниот медиумски советник Беким Купина.
Парламентот не успеа да го изгласа таканаречениот кабинет „Курти 3“, кој доби само 56 гласа „за“, додека 52 беа „против“, а 4 се воздржаа. Претседателот на парламентот Димал Башa изјави дека следниот чекор е во рацете на претседателката, која треба да ги преземе уставно предвидените постапки.
По парламентарните избори на 9 февруари 2025 година, Косово се соочува со продлабочена политичка криза, бидејќи ниту една партија не освои апсолутно мнозинство од 61 пратеник во 120-члениот парламент. Поради тоа, институциите беа блокирани со месеци – парламентот успеа да се конституира дури на 26 август, со изборот на Димал Башa за претседател и четворица заменици.
На 10 октомври, по изборот на петтиот заменик-претседател од српската заедница, парламентот конечно беше целосно конституиран, што му овозможи на Движењето „Самоопределување“ на Курти како најсилна партија да го добие првиот мандат за формирање влада – обид кој сега заврши без успех.

