|

Претседателот на Европскиот совет, Атонио Кошта, на турнеја низ Западен Балкан, утре доаѓа во Скопје

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од денеска е на турнеја низ земјите од Западен Балкан за да се сретне со лидерите од регионот. Тој, исто така, ќе биде копретседавач на самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи на 5 јуни во Тиват, Црна Гора.

Од Канцеларијата на Европската унија во Скопје соопштија дека Кошта ќе разговара за можностите и предизвиците околу проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.

„Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална; исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време да се испорачуваат резултати“, изјави Кошта.

Неговата посета на Западен Балкан ќе почне денеска од Сараево, а утре ќе биде во Тирана, по што ќе пристигне во Скопје, каде ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски.

Следниот ден, среда, 3 јуни, претседателот Кошта ќе се упати кон Приштина, додека в четврток, 4 јуни, претседателот Кошта ќе го посети Белград. Турнејата ќе ја заокружи со посета на Црна Гора.

На 5 јуни, Кошта ќе биде копретседавач на самитот ЕУ-Западен Балкан. Главната тема на овој самит е „Заедничкиот просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.

Претседателот Кошта ќе одржува прес-конференции во сите градови што ќе ги посети. Во Скопје ќе има заедничка прес – конференција со премиерот Мицкоски во попладневните часови.

 

 



Слични Објави