| |

Претседателот на Собранието на РСМ Талат Џафери ја прекина седницата за уставни измени

Претседателот на Собранието на РС Македонија Талат Џафери ја прекина работата на седницата за уставни измени.

„Констатирам дека претресот е завршен. Ја прекинувам работата со оваа седница, а за продолжувањето ќе бидете дополнително известени“, изјави претседателот Џафери.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски побара од Џафери да не ја прекинува седницата и да ја стави точката на гласање за да се види колку пратеници има власта за отворање на Уставот.

Тоа се случи пред говорот на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески кој беше последен пријавен за збор.

Власта побара поддршка од опозициските пратеници за отворање на Уставот, но досега ниту еднаш не ја потврди бројката на пратеници од парламентарното мнозинство кои ќе гласаат за процесот на внесување на Бугарите иако се шпекулира со 72 гласа.

Одлуката за пристапување кон измена на Уставот ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, односно со 80 гласа. Доколку не е присутно потребното мнозинство, постапката не може да продолжи.

Постапката за промена на Уставот започна откако Комисијата за уставни прашања на 25 јули гласаше за потребата од уставни измени и заклучоците ги проследи до Собранието.

Измените во Уставот се однесуваат на додавање на делови од народот во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, кога се набројуваат делови од народи во државата.

Уставните измени со вметнување на Бугарите во Преамбулата се услов да ја почнеме втората фаза од преговорите со Европската унија, а произлегоа од францускиот предлог за кревање на бугарското вето во кој билатерниот протокол со Бугарија беше вметнат во преговарачката рамка.

Слични Објави