ЕК СО ПОТСЕТУВАЊЕ ДО МПЦ: СИТЕ ИМААТ ОБВРСКА ДА ГО ЧУВААТ ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ
Европската Комисија (ЕК) во реакција до МИА се осврна на последните случувања со Македонската православна црква (МПЦ) и потсетува дека сите чинители во општеството имаат обврска да го заштитат здравјето на населението, јави дописничката на МИА во Брисел.
Портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро, потсетува дека сите земји, во ЕУ и во светот, воведуваат вонредни мерки поради глобалната пандемија на КОВИД-19 и дека врвен приоритет овој период е заштитата на јавното здравје на населението.
Оваа реакција доаѓа откако МПЦ одби да ги затвори храмовите за време на велигденските празници предизвикувајќи длабока загриженост од можните последици врз здравствениот систем.
„Последните неколку недели, земјите членки на ЕУ и земјите ширум светот донесоа вонредни мерки за да се справат во здравствената криза предизвикана од епидемијата на КОВИД-19. Ова се времиња без преседан и националните власти треба да ги имаат потребните алатки на располагање за да делуваат брзо и ефикасно за заштита на јавното здравје на нивното население“, изјави Писонеро за МИА.
