Претставата „Без крв“ копродукција на театрите во Пловдив и Велес доби три награди Аскеер во Бугарија
Претставата „Без крв“, драматизација на Александар Секулов според романот на Алесандро Барико, изведена во копродукција на Драмскиот театар „Н. О. Масалитинов“ во Пловдив и Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ доби три награди „Аскеер“ во категориите „Најдобар спектакл“, „Режија“ и „Костимографија“. Драматизацијата на претставата е дело на Александар Секулов, режијата е на Дијана Добрева, а костимографијата е на Раде Василев и Елена Вангеловска.
Наградите беа доделени вчера на 24 мај, во Денот на бугарската духовност, просвета и култура и на словенската писменост, на свеченост во Театар „Бугарска армија“. Националните награди АСКЕЕР се доделуваат за достигнувања во театарската уметност во текот на минатата театарска сезона.
Наградите АСКЕЕР се единствени по својот карактер – ги доделуваат уметници за уметници, а секоја одлика претставува професионален и естетски избор од страна на луѓе кои сами го создаваат театарот. Во својата 34-годишна традиција, фондацијата „А‘Аскеер“ има оценето стотици творци и претстави.
Претставата „Без крв“ беше номинирана во пет категории: за најдобра претстава, за најдобра режија која ја потпишува Диана Добрева, за најдобра сценографија на Валентин Светозарев, за најдобра костимографија чија авторска работа ја делат Раде Вассилев и Елена Вангеловска, како и за најдобра театарска музика, дело на Сашко Костов од Велес и Јавор Карагитлиев од Пловдив.

