Пријавено труење со храна во детско одморалиште во Охрид, соопштија од Агенцијата за храна
Труење со храна било пријавено во детско одморалиште во Охрид.
Како што информираа од Агенцијата за храна и ветеринарство уништени биле повеќе од 200 килограми храна која не одговарала на одредбите на Законот за безбедност на храна.
Директорот на Агенцијата за храна, Николче Бабовски, за „Макфакс“ потврди дека труењето се случило на 18. 07 оваа година во детско одморалиште во Охрид чие име од етички причини не се открива.
Веднаш било постапено по пријавата, информира Бабовски и кујната била запечатена.
„Кујната беше затворена скоро десет дена се до добивање на резултатите а економскиот оператор за тоа време си најде друг начин на обезбедување на храна“, истакна Бабовски.
Објасни дека повеќе деца биле затруени и истите биле примени на лекување.
Агенцијата, како што рече Бабовски, постапила по сите протоколи и во соработка со сите надлежни институции биле превземени сите мерки за постапување во случајот.
За среќа, како што вели првиот човек на Агенцијата за храна, биле отстранети недоследностите и се завршило добро.
Тој предупредува дека особено во летниот период треба да се внимава на месото и млечните производи кои се лесно расипливи појаснувајќи дека истите мора внимателно да се чуваат и да се приготвуваат.

