| |

Примероци од останките на цар Самуил се испратени за анализи во Германија

Примероци од мали коскени фрагменти од посмртните останки што се поврзуваат со цар Самуил се испратени во лаборатории во Германија, меѓу кои во Мајнц и Бон, соопштија научници од Бугарската академија на науките. Предвидени се радиојаглеродно датирање, анализи на древна ДНК и стабилни изотопи, пренесува 24 часа.

Прелиминарните антрополошки испитувања покажуваат дека лицето чии останки се поврзуваат со цар Самуил починало на возраст меѓу 60 и 70 години и било високо околу 173 сантиметри.

На скелетот се утврдени дегенеративни промени на ‘рбетот и екстремитетите, како и воспалителни процеси околу зглобовите, кои, според доц. Викторија Русева, веројатно предизвикувале значителни болки и го отежнувале движењето.

Утврдена е и повреда на подлактицата што довела до сериозно оштетување на левата рака.

„Тука сме за да ја исполниме својата должност и да ги покажеме прелиминарните резултати“, изјави проф. Људмил Вагалински, нагласувајќи дека истражувањата продолжуваат.

Научниците планираат генетските анализи да помогнат во утврдувањето на можни роднински врски меѓу погребаните лица, додека анализите на стабилните изотопи би можеле да дадат податоци за нивната исхрана и движење во текот на животот.

Според специјалистите, анализата на древна ДНК е сложена поради оштетувањето на генетскиот материјал и претходните конзерваторски третмани на коските.

„Ние самите никогаш не сме се сомневале дека тоа е цар Самуил“, изјави директорот на НАИМ-БАН, доц. Христо Попов. Тој нагласи дека идентификацијата не се темели само на ДНК, туку на збир од историски, археолошки и антрополошки податоци.

При оптимистичко сценарио, објавувањето на конечните резултати од истражувањата може да трае две до три години, посочија научниците.



Слични Објави