ПРИТВОР ЗА СКОПСКИ ДИЛЕР ВО ЧИЈ ДОМ БИЛО ПРОНАЈДЕНО И ОРУЖЈЕ
Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Скопје поднесе кривична пријава против 30-годишен скопјанец кај кого при рутинска проверка најпрво била пронајдена дрога, а потоа при претрес на неговиот стан биле пронајдени два пиштола и поголема количина муниција.
Како што информираат од МВР, на 9 октомври околу 1:00 часот по полноќ полицајци на булеварот Крсте Мисирков во близина на трговскиот центар Мавровка сопреле автомобил во кој како совозач патувал пријавениот.
При прегледот, кај него била пронајдена марихуана и дрогата му била одземена. Истиот ден, по издадена судска наредба, полициска екипа извршила претрес на домот на пријавениот во Скопје.
При претресот во подрумските простории пронајдени биле: пиштол марка „берета“ со една празна рамка за истиот, револвер со натпис „Збрно“ модел „гранд“, шест куршуми кратко зрно, 15 куршуми, 322 куршуми долго зрно и марихуана.
Скопјанецот е приведен и од страна на судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор.
Против него е поднесена кривична пријава поради сомнение дека сторил две кривични дела, недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи и неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори.